Џејмс Августин Алојзиус Џојс, како што гласи неговото целосно име, починал во 1941 во Цирих, на 59 години, како последица на операција на пукнат чир. Телото било закопано на гробиштата Флунтерн, а на испраќањето швајцарскиот тенор Макс Меили ја испеал аријата „Адаџо тера, адаџо сиело“ од операта „Орфеј“ на Монтеверди. Иако во тоа време во Швајцарија имало двајца високи дипломатски претставници, никој не се појавил на погребот, а ирската влада подоцна ја одбила молбата на сопругата на Џојс, Нора, за враќање на остатоците во неговата родна земја. Десет години подоцна, и таа е закопана до него, како и нивниот син Џорџо.
На Ирците сега им паднало на памет да ги враќаат остатоците во земјата, предизвикувајќи нешто што прераснува во „борба за коските“. Градски функционери од Даблин потегнале петиција, наведувајќи меѓу другото дека репатријацијата била желба на Џојсови.
Но за д-р Фриц Сен, истражувач на делото на Џојс, кој ја воспоставил фондацијата Џејмс Џојс во Цирих пред повеќе од 30 години, и во моментов е нејзин директор, ова со желбите и не е баш сигурно. Не постојат докази дека писателот сакал да се врати во Ирска или да биде закопан таму, а никогаш не зел ирско државјанство, иако имал шанса да го стори тоа.
На патот на остварување на оваа, по сè изгледа недоволно промислена идеја, стои и фактот што во гробот нема три, туку четири тела. Таму е закопана и Аста Остервалдер Џојс, втората жена на синот Џорџо, која немала ама баш никаква врска со Ирска. Освен тоа, жителите на Цирих се горди на тоа што тука почива толку славна личност, која во родната Ирска долго време била обвинувана за „анти-ирски“ сентименти. И не е ни чудно, со оглед на тоа што во делата на Џојс се осудува конзервативизмот, слепата религиозност и национализмот на Ирците. Еден од ликовите во романот „Портрет на младиот уметник“ ја опишува оваа земја како „стара маторица која ги јаде своите прасиња“.
Сепак, и покрај тоа што не можел да поднесе да живее во Даблин, градот му останал духовно средиште. Кога живеел во Париз негова омилена занимација му била да бара посетители од Даблин и да ги прашува за имиња на продавници и пабови.
Ако градската петиција помине, следниот чекор би бил да се побара од ирската влада да бара враќање на остатоците пред одбележувањето сто години од објавувањето на „Улис“ во 2022. Фондацијата Џојс на ова реагира со помирлив тон - дека ако внукот на Џојс, Стивен, одлучи неговиот дедо да почива во Ирска таа нема да се противи. „Не сум доволно националист за да поставувам барикади за изнесување од земјата на мртво тело“, изјавил Сен.