Кино салата се вика Марата Мандир, се наоѓа во Мумбаи, и е позната по една работа - тоа што во неа еден филм се прикажува најдолго во познатата историја на оваа кинематографија. Цели 1250 недели или 24 години на големото платно игра филм чиј наслов во превод гласи „Оној со најголемо срце ќе ја земе невестата“. Тоа е романтична комедија од 1995 на хинди, режиран од Адитја Чопра, негов дебитански филм, а продуциран од неговиот татко Јаш Чопра.
Од премиерата наваму тој има заработено над милијарда рупии или 33 милиони американски долари, со тоа станувајќи комерцијално најуспешниот боливудски филм во годината кога е прв пат прикажан, а еден од најсупешните индиски филмови во историјата. Како и повеќето oд овој жанр, тој прикажува различни сегменти од општеството, промовирајќи силни семејни вредности и филозофија на „следи го своето срце“. Сепак, неговиот успех не е само локален - тој е еден од само трите индиски филмови во изданието „1001 филмови кои треба да се видат пред да умреш“ (листа составена од страна на над 70 филмски критичари, во издание на компанија од Лондон).
Новинарите од Great Big Story одат во Мумбаи и снимаат разговор со човекот на билетара и со кино-оператерот. Вториов работи во киното 45 години и до сега го има видено филмот 9000 пати. А омилена сцена му е на крајот од филмот, кога таткото на главниот женски лик, иако крајно бесен што таа сака некого кој тој смета дека не е соодветен за зет, и ја пушта раката и вика „Ајде, оди за него, никој нема да те сака повеќе“. Една авторка на книга за културолошкото значење на филмот во видеото објаснува дека неговата популарност се должи на фактот што во него младите на крај успеваат да ги надминат стереотипите и предрасудите на претходните генерации, и да станат „модерни“ Индијци, со џинс на себе, но со добрите страни на традицијата во срцето.
Краткиот документарец на темата тука (5:40 мин)