
„Прв пат кога ти го видов лицето“, „Убивајќи ме нежно со неговата песна“ и голем број други хитови ја вивнаа Роберта Флек во врвот на поджанрот на Р&Б музиката, наречен „тивка бура“.
Флек растела во големо музичо семејство, често настапувала со хор во локалната методистичка црква, но одела и во баптистичкиот храм во соседството кадешто ги слушала големите Махалија Џексон и Сем Кук. Кога имала девет години се заинтересирала за пијаното, а добила и целосна стипендија за да го изучи на Универзитетот Хауард. Таму се запишала на само 15 години, што од неа прави еден од најмладите студенти што бил примен на оваа институција. Подоцна се префрлила на пеење и станала диригент - нејзината режија на изведба на „Аида“ била поздравена со стоечки овации.
Во светот на шоу бизнисот влегла откако била откриена како пее џез во ноќен клуб во Вашингтон. На аудицијата за Атлантик рекордс таа извела 42 песни во тек на три часа. Во ноември 1968, снимила 39 демоа за помалку од 10 часа. Неколку месеци подоцна, Атлантик го снимил и нејзиниот дебитантски албум, за исто толку време.
За најголем нејзин хит се смета „Килинг ми софтли“ од 1973. Албумот со песната доби неколку Греми награди. Има соработувано со Мајкл Џексон во неговите тинејџерски години, а го позајмила и гласот на мајка му во 18-минутниот краток филм за „Бед“.
Како свои инспирации таа често ги наведувала Битлси - ги познавала лично Џон Ленон и Јоко Оно бидејќи живеела до нив во зградата Дакота во Њујорк. Голем фан била и на Леонард Коен, а има направено прекрасна прерабока на неговата „Ова не е начин да се збогуваме“.