Во 1950 Хју Трејси, британски етномузиколог, заминал за Капкатет, Кенија, за да ги сними народните песни на Кипсигис, сточарско племе од западните висорамнини на долината Рифт. Тој ја проучувал африканската музика од 1921, кога бил во придружба на својот постар брат Леонард, на пат од Девоншир до Зимбабве (тогашна јужна Родезија), за да му помогне во садењето тутун на земјиште кое овој го добил од британската влада како награда за неговото служење во армијата во Првата светска војна. Во 1929 дури и однел 14 Африканци во студио во Јоханесбург, 800 километри појужно, а снимките кои биле направени според негови зборови биле „првите парчиња домородна родезиска музика кои биле снимени и објавени“.
Трејси ќе ги помине следните децении патувајќи низ континентот со преносен снимач, правејќи дискови со народна африканска музика. „Има нешто тврдоглаво, дури и автократско, во врска со мисијата на фолклористот“, вели текст во Њујоркер на оваа тема, а личностите како Трејси инсистирале, понекогаш и агресивно, на зачувување на историските традиции, дури и кога нивните носители веќе самите кренале раце од нив.
Колонијалните власти секако не го поддржале целиот проект. Во 1931 Трејси добил грант од фондацијата Карнеги, но неговиот извештај содржел податоци за тоа како воспоставувањето на христијански мисии ги потиснува па дури и брише традиционалните култури, и бил премногу контроверзен за објавување. Од тогаш неговото име било на „црна листа“ за финансирање. Но тоа не го спречило да направи 210 лонг-плејки со теренски снимки, некои од нив објавени и комерцијално во 1970-тите. Иако во тоа време „комерцијално“ не значело кој знае каква продажба, бидејќи вредноста на ваквата музика ја сфаќале само малкумина.
Во 1950 на негово патување низ долината Рифт, Трејси собрал три песни во врска со суштество наречено Чемироча, мистичен полу-човек, полу-антилопа, сакан од страна на членовите на Кипсигис заради лудото танцување и пеење. Песната „Чемироча 3“ во белешките на Трејси е опишана како „хумористична“, а ја пее група девојчиња. Во позадината се слуша жичан инструмент налик на лира, наречен кибугандет. Целата снимка трае само 90 секунди, но има некој ангелски призвук.
Сепак, она за што се пее воопшто не е некое измислено суштество, туку човек од крв и месо, и тоа музичар. Имено, британски мисионери неколку години пред снимката минале низ селото носејќи со себе грамофон. Особено популарен помеѓу членовите на племето станал албум на пејач, за кого сметале дека има толку убав глас што мора да е полубог. „Чемироча“ како што го изговарале неговото име всушност е Џими Роџерс, познат како „татко на кантри музиката“.
Ако доволно внимателно се заслушате тие навистина прават пауза помеѓу двата збора (Чими Роча), а и стилот на нивното пеење по малку наликува на неговото „јодлање“, инспирирано од швајцарски емисари кои ги слушнал во некоја црква, а кое му донело голема слава, до прераната смрт од туберклоза во 1933.
Но неговиот спомен очигледно не е сочуван само во историјата на американската музика, туку и на овој крајно необичен начин, во африканскиот фолклор. Целата приказна е лекција за илузијата на „чистите“ фолклорни форми: станува збор за кенијска народна песна, инспирирана од ран кантри пејач од Мисисипи, кој самиот наводно бил инспириран од швајцарски јодлери и келтски химни, а снимена од британски етномузиколог. Паѓа во вода цела една теорија за „автентични“ културни традиции, чија цел е да изолираат, да спречат влијанија и „позајмувања“. Во ера кога на последново се гледа како на врвен грев, особено кога бел западен човек се инспирира од традиции на малцински не-белечки култури, интересно е да се знае дека едно племе од Африка „позајмило“ цела матрица на пеење, па дури и лично име, од нему сосема непозната култура и традиција. На Чими Роча веруваме ова би му се допаднало.