Кажи ми што слушаш, ќе знам кој си? Не баш.

Доколку користите каква и да е апликација за слушање музика, алгоритамот за кратко време почнува да ви го учи вкусот, па во еден момент изгледа како тој/таа/тоа да ве познава повеќе од некои реални луѓе. Но дали групирањето на одредени бендови и жанрови навистина го отсликува нашиот карактер? Дали психолог би можел да направи проценка на типот на личноста само врз основа на плеј-листа?

Нова студија од Универзитетот во Кембриџ, која вклучувала дури 350.000 учесници од 50 земји и шест континенти, тврди дека луѓе со слични карактеристики од цел свет слушаат слична музика. Така „екстровертите“ наводно го сакаат Ед Ширан, Бијонсе и Џастин Тимберлејк. „Неконфликтните“ имаат ќеф за Марвин Геј, У2 и Тејлор Свифт. „Невротичните“ уживаат (ако воопшто можат, нели) во Дејвид Боуви, Нирвана или Д Килерс. И така натаму.

Иако студијата не тврди дека открила некаква дефинитивна вистина, таа (вистината) е многу посложена. Дури и не-толку-сериозните музички фанови би рекле дека имаат еклектички ставови, изразено во „слушам сè што е добро“ (на времето - „сè што слушаат младите“). Идејата дека некој од Македонија, Аргентина и Јужна Африка си мислат „Се чувствувам отуѓено, и тоа ќе го сигнализирам со перформативно слушање на Нирвана. Засекогаш!“ е малку претерано. Ова не е начинот на кој функционира музиката.

Музичките вкусови, како и луѓето кои ги поседуваат, се составени од голем опсег варијабили. Возраст, пол, потекло. Која култура била доминантна додека сме растеле и дали сме се држеле до неа или напротив бунтовно сме ѝ се спротивставувале? Ова се некои општи места кои стануваат поконкретни кога бираме песна во одреден момент - дали тогаш сме среќни, заљубени, лути или просто сакаме нешто да ни свири во позадина? Нема да ја бираме истата музика за читање, возење, пешачење или вежбање. За музичка желба на свадба или додека лежиме во темница со слушалки на уши. 

Иако вкусот може да се преклопи со „културниот трибализам“ ова е главно младешки тик кој поминува. Она што останува е индивидуалниот склоп кој, особено кога е во прашање расположението, се менува и во текот на денот. Таа личност не секогаш и сака да биде истата личност. Сака да проба нешто поинакво, до тогаш неслушнато, ново, за да почувствува како е да се биде во друга кожа или во друго време. Интровертот може да ја тресе главата на Мегадет. И на темпераментниот некогаш му треба Коен, за да го потсмири. 

И сето ова под претпоставка дека сите луѓе сакаат музика. Иако звучи чудно, но некои навистина немаат музички преференци, и дури и кога бираат музика тоа е некоја неутрална и амбиентална. 

Генерално, во ерата на стриминг платформите, на музиката ѝ се пристапува песна по песна, а поретко жанровски, со цели албуми од почеток до крај. На одредена возраст настапува „културна атрофија“, вкусот како да замрзнува и она што нè „дефинира“ е всушност нашиот вкус од пред 5, 10, 20 години. Дали тоа значи дека поседуваме личност со изминат рок?

Џубоксот во нашите глави може да е дигитален и со многу брзи скокови, а може да е од старите, за’рѓан и грд. Но музиката којашто се пушта на обете од аспект на некаква „логичност“ или „доследност“ на изборот не мора да биде таква.  

извор

15 февруари 2022 - 10:24