Карлос, Гиљермо и Каталина Мидлтон: забуната околу преведувањето на имињата на кралските семејства

По повод смртта и погребот на кралицата Елизабета Втора, медиумите во Европа беа преплавени со текстови на оваа тема. Но во некои земји каде кралските имиња се уште се преведуваат на локалниот јазик беше тешко да се сфати кои се тие „Карлос“ и „Литера“.

Диари де Џирона е каталонски весник кој по смртта на Елизабета Втора се обиде да ги објасни промените во титулите на поранешниот принц од Велс и неговата сопруга. Но некои од читателите беа збунети. „Принцот Карлес“ беше доволно препознатлив, но која е таа Литера која се спомнува покрај него? По долга дискусија на Твитер, конечно стана јасно - литера (llitera) е полско креветче на каталонски, или превод од шпански на камила (camilla), мал кревет. Весникот набрзо го промени името во Камила.

Европските земји имаат различни политики кога станува збор за преводот на имињата на кралските семејства. Медиумите на шпански известија за Карлос, но ја оставија на раат Камила. Но знаете ли кои се принцот Гиљермо и Каталина? Братот на Гиљермо (Вилијам) понекогаш е Енрике, понекогаш Хари (можеби затоа што од него не се очекува да стане крал или затоа што Хари, за разлика од Хенри нема очигледен превод). Неговата сопруга е само Меган, затоа што во шпанскиот  за ова име нема еквивалент. Португалските медиуми обично преведуваат, додека бразилските ги оставаат Елизабета и Чарлс. Руските, согласно традицијата на германизирање, одат со Карл.

Во Франција, Германија и на други места, имињата останаа во нивната оригинална англиска форма. Но овие земји имаат други проблеми. Во Германија, починатата кралица ретко беше именувана со die Königin. Таа беше нарекувана die Queen. Ако ова изгледа чудно, да се сетиме дека во Англија последниот германски монарх беше „кајзер“, а не „емперор“ (кајзер е германското спелување на Цезар, како што цар е руската верзија од истото).

Во минатото било вообичаено да се преведуваат секакви имиња. Коперник на пример често објавувал под латинизирани имиња во текот на ренесансата (Коперникус). Пријателите на Шопен не го нарекувале Фредерик во кафана во Варшава, тој бил роден како Фиридерик (Fyderyk) пред да се пресели во Франција. Во Шпанија има неколку места именувани по францускиот писател Хулио Верн, Маркс е Карлос Маркс, Сталин е Хозе, а Хитлер - Адолфо.

Преводот на имињата изгледа дека припаѓа на друга ера, кога тоа било послесно затоа што речиси секој носел име на светец или библиска фигура, за која имало еквивалент во повеќето јазици. Германските имиња се прошириле низ континентот со походите на Готите и Франките. Имињата како Хенри и Роберт набргу имале еквиваленти низ цела Европа. 

Но тоа време е завршено. Дури и кога монарсите веќе не се „богови на земјата“, тие (како папата или светците) се се уште посебна класа во однос на своите поданици. Не дека не е возможно некој да се придружи на клубот, како што е тоа случај со Каталина Мидлтон. Но необичниот спој на „обичното“ англиско презиме и нејзиното преведено име илустрира колку е застарена практиката на преведување на лични имиња во 2022 година.

извор

23 септември 2022 - 09:04