Тим историчари кој работи во архивата на Универзитетот во Јорк пронашол докази дека калуѓерка од 14 век си ја лажирала сопствената смрт, правејќи кукла која личела на неа, за да избега од манастирот и - според зборовите на архиепископ од тоа време - да си тера по „патот на плотната страст“.
Маргинална белешка напишана на латински и закопана во еден од 16-те тешки регистри со податоци за имотот и бизнисите на архиепископите од Јорк во периодот од 1304-1405, ги поттикнало архивистите да ја отплеткаат приказната за калуѓерката-бегалка. „Ја предупредувам Џоан од Лидс, во последно време калуѓерка во манастирот Св. Клемент во Јорк, да се врати дома“, вели белешката напишана од архиепископот Вилијам Мелтон во 1318.
Истиот пишува и за „скандалозните гласини“ дека Џоан дрско ги ставила настрана доблестите на религијата и смерноста на својот пол и дека „поради злобен ум, кој оддава телесна болест, се преправала дека е мртва, и со голем број нејзини соучесници, злотвори, изработила кукла налик на неа за да ги измами верните, бесрамно организирајќи нејзин погреб на свето место, помеѓу религиозните“.
Откако го симулирала сопствениот закоп, таа се оддала на „перверзен животен пат“, далеку од беда и покорност, и откако го прекршила својот завет „сега скита во злокобна опасност по својата душа, предизвикувајќи скандал за нејзиниот монашки ред“.
Истражувачите на ракописот велат дека бегството на Џоан/Јованка ги потсетил на Монти Пајтон скеч. Останатите ракописи од сличен период не содржат информација дали таа сепак се вратила во манастирот. Со оглед на нејзината креативност во исчезнувањето, веруваме дека остатокот од животот го поминала токму така, креативно.