11 ноември 1918 е формално последниот ден од Првата светска војна, кога завојуваните страни го положиле оружјето, и за жал за само неколку години ја подгреале надежта дека нема да има и следна.
Но исто како што необично звучи кога го прославуваме „пукањето на првата пушка во Прилеп и Куманово“ на 11 октомври против фашистичкиот окупатор, па се обидуваме да го замислиме оној кој реално го испукал првиот куршум и она што следело по истото, така и пукањето на последната пушка или граната звучи прилично апстрактно. Сè додека реално не го слушнеш тој звук, и тишината по него.
Иако примирјето било прогласено шест часа порано, оружјето замолкнало дури во 11 наутро. Тоа сега можеме и да го слушнеме со оглед на тоа што сојузниците во тој момент користеле напредна техника за снимање за лоцирање на непријателскиот оган. Всушност, системот не регистрирал звуци туку интензитет на врева, и тоа го снимал на ротирачко парче фотографски филм, слично на тоа како се регистрираат потреси на сеизмограф.
Снимката е реконструирана преку соработка на Британскиот империјален воен музеј, кој замолил експерти од лондонската акустична фирма Coda to Coda да ги употреби фотографските снимки - од американскиот фронт кај Мозел (река која тече низ Франција, Луксембург и Германија) - за да го репродуцира звучниот пејзаж на моментот на примирјето.
„Овој документ ни овозможува увид во тоа колку интензивни и хаотични биле пукањата за оние кои се бореле на западниот фронт“, изјавил Вил Ворсли, директор и главен композитор во спомнатата компанија. „Се надеваме дека нашата аудио интерпретација ќе им овозможи на посетителите на Музејот да се проектираат во тој посебен момент во историјата“.
И навистина чувството е морничаво, особено тишината, која покрила огромен број жртви и крвопролевање, како минута молчење за нив.
Сето тоа можете да го слушнете тука