Раната историја на велосипедот не ветувала многу за жените на почетокот на 19 век. Едно транспортно средство слично на точак, со две тркала, изгледало повеќе како нешто што би се користело во земјоделие, отколку на денешен велосипед. Направени од дрво, велосипедите од овој период имале железни тркала, а фактот дека немале речиси никакви амортизери довел до тоа да се нарекуваат „коскотресачи“. Некои имале механизми за управување, други не. Кочењето главно се правело со стапалата, или просто се застанувало кога ќе се удрело во дрво или во кочија.
И покрај сето ова биле организирани велосипедски трки низ Лондон, Париз и Њујорк, но во нив не смееле да учествуваат жени и девојки. Дури и кога биле видени на точак, жените главно седеле на страна (поради здолништата) на задното седиште.
Па сепак, велосипедот е една од технологиите која им овозможила сосема ново ниво на транспортна независност. За тоа во 1895 во американските весници се пишувало со вознемиреност. Еве извадок од Атлантик:
„Она што сака да го знае јавноста е каде одат сите овие жени на тркала? Да не има некаде големо рандеву кон кое сите се упатени и кaде ќе одржат состанок, кој ќе биде причина нашиот стар свет да се разбуди и самиот да се редизајнира?“
Во видеото подолу објавено на каналот Вокс се тврди дека жените до своето право на глас пристигнале на точак - реченица која била печатена и препечатувана во весниците на преодот од 19 во 20 век. До 1890-тите сите возеле точак, првата трка Тур де Франс се одржала по само неколку години, а велосипедската технологија веќе била толку развиена што помогнала во создавањето и на автомобилот и на авионот. Браќата Рајт пред да почнат да прават авиони всушност дизајнирале точаци.
Новите модели биле наречени „безбедни“ бидејќи биле многу полесни, и во смисла на тежина и во смисла на начин на управување, а секако биле и поевтини. Така, тие станале достапни и за посиромашните жени, кои возејќи велосипед истовремено штеделе на друг вид транспорт.
Сето ова предизвикало и промена во начинот на облекување - жените почнале да носат пантолони. Традиционалистите биле шокирани, постојано им се потсмевале на сограѓанките на точак, а тоа главно биле истите кои се потсмевале на борбата за добивање право на глас.
Секако, помогнало и тоа што производителите и продавачите почнале во жените да гледаат целна група кон која се обраќале и преку реклами. Велосипедската уметност на постери од тој период ги претставува жените-возачки на велосипеди како градски талкачи, авантуристи, ултра-модерни „нови жени“, па дури и голи божици. Сето ова поттикнало, но и самото било резултат на транспортна револуција, која била истовремено и револуција за женските права.