Во 2000-та Хелен МекКрори, која почина на 52 години од рак, ја играше Ана Каренина во истоимена мини ТВ серија. По тој повод во Гардијан излезе нејзин текст под наслов „Како треба една жена да си го живее животот?“ Објавуваме извадоци од него.
***
Како треба една жена да си го живее животот? Да преживее до 70, безбедно, со тоа што ќе биде онаква каква што сите ѝ велат да биде? Или да игра хероина, страсно, со сознанието дека обидот и неуспехот не се еднакви на пораз?
Ова е безвременската премиса на Толстоевата хероина, Ана Каренина, која таа ја живее многу пред да стане модерно да се дискутира околу конфликтот на желбата и очекувањата во животите на жените. Таа била оригинална за својата ера, но кои се оддеците на приказната на Ана за модерната жена?
Родена во богата, декадентна висока класа на Ст. Петерсбург од 19 век, Ана се соочува со лицемерието на своето време кога излегува од празен брак, откако се заљубува во офицерот Вронски. Ги скандализира своите современици кога бира да живее со него како љубовница, откако нејзиниот сопруг одбива да ѝ даде развод. Но нејзината страст за љубовникот е поматена од болката од напуштањето на синот, и неодобрувањето на нејзиното однесување од страна на руската аристократија. Паѓајќи во депресија и станувајќи зависна од опиум, таа почнува да се сомнева во Вронски. Станува болно љубоморна, сето тоа ја доведува до работ и таа се фрла под воз.
Кога гледачите прв пат ја гледаат Ана, тие се свесни за елементите на нејзиното постоење - таа е хостеса, послушна сопруга, добра мајка - но тие не знаат која е таа. Всушност никој во приказната не го знае тоа, затоа што никој и не се обидува да праша. Но осаменоста не зависи од векот: и денес голем број жени се чувствуваат изолирано. Чувствуваат дека не се изразуваат себеси на начин на којшто би сакале, не изгледаат онака како што би сакале, не ја работат работата што би им одговарала. Ана е жена која ги чувствува сите овие нешта и одлучува дека страста да се биде сакан е поголема од стравот да се биде сам и исплашен целиот живот.
Денес, страста е тесно дефинирана во сексуална смисла. Ова од друга страна се повнатрешнува со типизирана, студена, физичка убавина која е обожувана кога станува збор за нашиот пол. Стилот станува величина на фустан, не став, а страста се однесува на пар сандали со ниски потпетици.
Привлечноста на Ана е повеќе внатрешна отколку физичка. Треба да се потсетиме дека во Русија на Толстој идејата за убавина била многу по лична, по локализирана. Немало медиумска естетика и не постоела идеја за тоа како изгледаат луѓето во други земји. Денес, жените постојано се потсетувани на физичкиот впечаток кој го оставаат; сексуалноста е дефинирана од машкиот поглед и женската сексуална улога на пасивност и употребливост. Сликата на женските тела кои се појавуваат во рекламите и медиумите сигнализираат ранливост, потреба да се биде спасен и сексуално достапен во секое време. Барем Ана и нејзините современички го одбегнале ова.
Во една смисла, руската аристократија била чесна во врска со сексот и љубовта. Бракот бил поврзан со концептите на крв и сопственост, а аферите биле прифатливи. Големото предавство на Ана не е кон нејзиниот сопруг туку кон општеството. Денес, стигмата на аферите е по лична, но жените се сè уште ограничени од социјални правила: Ана сега би можела да побара права да го посетува синот но таа се уште може да страда затоа што е самохрана мајка.
Тогаш емоционалната исполнетост можела да биде постигната преку сопствената врска со Бог како со љубовник. Да се очекува ваква целосност од партнер е неодамнешен феномен. Луѓето не се земале мислејќи дека го добиваат целиот пакет: најдобар пријател, љубовник, советник за кариера. Во пореалистична ера, не постои идеја за светиот грал на совршениот сојуз.
Пред да се убие, Ана му вели на својот љубовник: „Не знам која сум, Вронски, ги знам само своите апетити“. На крај таа паѓа како жртва на тие апетити, но до тој момент сепак вистински живее поради тоа што Вронски ја разбудил. Ѝ се восхитувам за тоа.