Како тоа видеотеките изумреа, а книжарниците (фала богу) не?

Кога се појавија компјутерите, таблетите и мобилните, ретко кој продолжи да користи роковници и нотеси. Претходно зајмевме филмови од видеотеки, а сега низ светот нив ги има во многу мал број, само за носталгични „н'рдови“. Сите сакаат пристап до содржини со еден клик. Логично на сето ова - како и зошто опстануваат книжарниците?

И покрај масовното продавање книги онлајн и растечката популарност на е-книгите, книжарниците низ светот доживуваат кам-бек во последните неколку години. Ова особено се однесува на оние независните, кои нудат нешто што големите синџири го немаат - поиндивидуално искуство и контакт со заедницата. Иако не остваруваат толку големи приходи, голем број од нив се профитабилни и одржливи, благодарејќи на специфични стратегии.

Книжарниците не се само места за купување книги. Голем број од нив денес нудат книжевни клубови, промоции, авторски читања, работилници и други настани кои поттикнуваат чувство на припадност. Исто така, тие повнимателно ги одбираат книгите што им се на рафтовите, не секогаш истакнувајќи ги бестселерите, туку и оние кои се квалитетни но маргинализирани во комерцијалната врева. Тоа чувство на откривање нови книги и препорака од страна на вработените ги привлекува купувачите кои го ценат персонализираниот и ангажираниот пристап. 

Голема улога има и естетиката на самиот простор на книжарницата. Пријатниот амбиент ги тера посетителите да се задржат, да пребаруваат, да разговараат. Тие се и атрактивни места за фотографирање и објавување на социјалните мрежи. Најубавите книжарници имаат катче за читање, бифе или изложба на ракотворби. Оваа естетска привлечност влијае и врз помладата публика. 

Тоа не значи дека овие помали книжарници не се истовремено присутни и онлајн. Тие го спојуваат физичкото и дигиталното искуство, обидувајќи на овој начин да станат финансиски одржливи, па дури и профитабилни. Тие едноставно нашле начин како да се прилагодат, и покрај тоа што местата како видеотеките не успеаа во тоа. 

извор

3 октомври 2024 - 11:56