Прв пат ми е, и со јанѕа влегувам во објектот, снеможена од новоградби никнати, прокиснати и попуштени под бремето на културата. Ама ова е големо, светло и модерно. Ептен дрвено. И многу добро. „Како да не си во Скопје“, вели некој. На влез делат свилени марамчиња со срциња, и пригоден слоган кој ги обединува виното и љубовта.
Дечкото до мене на уште непочнат концерт е вознемирен. Го пали-гаси мобилниот, немајќи точна идеја за што би го употребил. Прстите му играат, како пушач во криза. Чувствувам, ќе имаме проблем.
Оркестарот стивнува. Спорадично гласно кашлање. Џијан, Бранко, Тања и две девојки отвараат со A Thousand Kisses Deep. Црвени нијанси ја заплиснуваат сцената. Изгледа како почеток на долга, и илјада стапки длабока љубовна зима крај камин. Во февруари.
Дечкото не ја знае песната и тоа го мачи. Не зел каталогче, ама таму и онака не ги пишува. Отвара Shazam за мобилниот да ја препознае. Listening...и онакви бранчиња, за апликацијата да покаже дека се труди. No result. Типот не се откажува. Listening...No result. „ЛЕОНААААРД КОЕЕЕЕЕН Е!!“, ми иде да дрекнам, како тест на акустиката.
Suzanne takes you down... На брегот на некоја река, двајца пијат чај. Constant Comment се вика, со зачини и парчиња портокал, го чувам за понадица. Неговиот тежок мирис паѓа врз салата како плашт и замајува. На брегот на Вардар сме, а Исус е морнар на галија, пристигната од Кина. Сузана е можеби бивша на некој од оркестарот, седната во партерот со нов маж и стомаче што се насетува низ фустанот од тантела. Украден поглед како жилет го пара воздухот, помеѓу двајца што се сакаат, а не смеат. Кнедли во грла од помислата на некогаш љубени, живи или мртви. Јажето се одврзува, галијата се поткрева од тињата, и полека трг...
„Од кај вулканизерот право. Аха, 1200. Утре ќе ти кажам точно. Не бе, на концерт некој“.
Го лоцирам залегнат во седиште со раката над уста, ред пред мене. Опоменувачки го тупкам по рамо. Не престанува. Посегнувам за да му го одземам телефонот, ама далеку ми е за да дофатам. Во главата редам начини на кои би се спречил влез на некој како него во салата. Претрес и одземање телефони, како на портите на Гвантанамо. Благ струен удар на седиште за оние на кои ќе им ѕвони, усогласен во ритам и јачина со музиката. Спреј од луто пиперче што го носам во ташна, за од кучиња. Ватербординг со врел чај, додека не пропее.
„Добра си?“, ме прашува другарката.
Тања е царица. Поубава е од Бјорк а звучи како неа. На „Бенг-бенг“ може да го пресече свиленото марамче со катана. Ми фали нешто да пукне, да се скрши и да прсне ко срча. Таа, така стројна и силна да извади берберски брич од чизмата, а крај нозе да ѝ паднат илјада гулаби со пресечен грклан.
Диригентот по една од песните посебно го истакнува тапанарот. Ми делува познато. „АБЕ МАРТИН ВУЧИЌ НЕ Е ОНОЈ? АХАХАХА...МАРТИН ВУЧИЌ НА ТАПАНИ БЕ. БУАХАХАХА, НЕ МИ СЕ ВЕРУВА“ - се слуша низ салата.
Значи он бил.
They hung a sign up in our town "if you live it up, you won't live it down". Да требаше да се обложам, ќе речев дека од Вејтс ќе биде Blue Valentines, а не Hold On. Ама ако. Диме почнува да ја кажува додека другите не влезат со рефренот. Ми текнува кога му правевме свирка на Вејтс за 60-тиот роденден, а тој донесе цел бенд од Прилеп формиран специјално за настанот, „Музачари“. И како ја пееа „Чоколаден Исус“ во препев на македонски, а ние глупи, ништо не снимивме од сето тоа. И рецитирањето наместо пеење на „Уан“ од негова уста не делува како бесмислен упад на актер среде концерт, колку нешто сценаристички „да се дешава“. Дечкото знае. А јас сега можам да кажам дека сум доживеала Вејтс да го свири Македонска филхармонија. Со ХАРФА на сцена.
Во секој момент има педесетина подигнати раце што снимаат. Сред песна се уморуваат од држење и престануваат, или толку им треба за на Инста. Па пак почнуваат на следната. Кога рано сабајлево се обидувам да изгуглам една единствена факинг фотографија од настанот, не наоѓам. Ја ставам онаа што ја сликав пред почетокот, со мечето што го добив за подарок. Што им правите бре на сите тие лоу-куалити, замаглени, неслушливи и негледливи снимки од настан во кој сте требале да се втопите со сите сетила? Ги чувате за потомство во албум со дебела кожна корица? Ги врамувате ко вилеров гоблен? Кои сте всушност вие?
Бранко ја почнува Hurt. „Се повредив денес/за да видам дали уште чувствувам/Се фокусирам на болката/единственото нешто што е вистинско“. Како сам Кеш да се симнал од небесата, или комуницира преку ви-фи мрежата што се фаќа во салата, под име „св. Илија“. Бар денес можеле да ја прекрстат во Св. Трифун. Недостасува мирис на чад, пот и алкохол. Да сме на ливада во Дихово, на самрак, со венчиња маргаритки во косата, гушнати и ’напраени’. И да плачеме од болка и убавина.
Концертот завршува, аплаузи за бис. Една бабичка, за која после ми кажуваат дека е првата жена што положила возачки во Македонија, гласно и одлучно бара да ја свират „Македонско девојче“. „Ако, нека има и наше“, одобрува некој. Се симнуваме накај излезот за паркингот Бе. Без јасен план Бе.
Дома на полноќ го пуштам Кејв на винил. I don't believe in an interventionist God... Се прашувам дали ако во тишина активираш Шазм ќе ти каже дека тоа е тишина. И ти така ќе знаеш да ја препознаеш друг пат. Си сипам Саутерн комфорт, со мраз и парче портокал.
Има утеха.
Нема утеха.
Како ќе се живее вака?
Илина, Букбокс