Селина Мајер во првата сезона од „Вип“ (во оригинал Veep, сленг за потпретседател) е поранешна американска сенаторка, чија партија (не се знае која точно) ја номинира како можен кандидат за претседателските избори во 2012. Иако на почетокот изгледа дека ќе победи, кандидат за претседател, а потоа и претседател на САД, станува Стујарт Хјуџ. Мејер е негов „ранинг мејт“ и по изборите ја добива позицијата потпретседател.
Серијата го следи нејзиниот личен живот и политичка кариера, истовремено портретирајќи ги ликовите од тимот што ја опкружува - шефот на персоналот, директорот за комуникации, телохранителот, личната секретарка, како и поранешниот сопруг, ќерката и нејзината партнерка.
Џулија Луис-Драјфус (која уште на времето ја засакавме во „Зајнфилд“) е неприкосновена во улогата на политичарка која во себе ги содржи сите стереотипни својства на еден (пот)просечен висок функционер. И покрај очигледното незнаење, недостаток на каква и да е домашна или меѓународна агенда освен онаа за задржување на власта и куп гафови, таа во еден момент станува - Претседател на САД!
„Претседателот заминува. Тој нема да се кандидира за втор мандат. Јас ќе се кандидирам“ - извикува Селина во финалето на втората сезона.
Некој се сети на ова вечерта кога излезе соопштението за откажувањето на Бајден и номинацијата на Камала Харис. Социјалните мрежи експлодираа, па корисниците (и оние што се потсетија, и оние кои допрва дознаа за серијата) ја прогласија за сè, од документарец, преку пророштво до „глич во Матриксот“. Креаторот на серијата, Армандо Јанучи, одговори на ваквите коментари со: „Не заборавајте дека сепак сето ова го измисливме“.
Во бранот мемиња и монтажи едно се истакнува со тину-нину сличностите на јавното говорење на двете жени, во стилот „сакам-кажам/не знам-речам“ и испразни синтаксички акробации.
Секако, има и разлики. Претседателот на САД, на пример, во серијата дава оставка поради измислена Узбечка заложничка криза (киднапирање на неколку американски студенти), како и психичкото здравје на сопругата, а не на сопственото. Но ова се занемарливи детали за нешто што сега веќе се прогласува за влез во „официјален Вип тајмлајн“. Оној во серијата е само малку поместен. Мејер навистина минува цел мандат како првата жена-претседател на САД (Харис е прва жена потпреседателка) од 2021-2025. По 20 години вон политиката, умира во 2045.
Нејзиниот погреб е прилично брутално прикажан во финалната епизода од седмата сезона. Медиумите ја претставуваат како еден од најнезабележителните претседатели во американската историја. На ѕидот на меморијалната библиотека воспоставена во нејзина чест се испишани нејзините бесмртни зборови - НЕКОЈ ТРЕБА НЕШТО ДА НАПРАВИ ВО ВРСКА СО ТОА.