Комбинација на историски потврдени настани со фиктивен приказ на животот на англискиот морнар Џон Блекторн, првиот Англичанец кој стигнал до Јапонија, „Шогун“ е дело на Џемјс Клавел од 1975 кое и како книжевно доживеало голема популарност. Сепак, за него пошироката јавност дознава во 1980, преку истоимената мини-серија со Ричард Чемберлен и Тоширо Мифуне и нарацијата на Орсон Велс.
Во 2024 го одбележавме излегувањето на новата серија (види тука) и се фокусиравме на нијансите помеѓу историските податоци за Блекторн и начинот на којшто тој е прикажан во неа. Но уште поинтересна за анализа е една друга разлика, овој пат помеѓу претходната и оваа верзија.
Станува збор за тоа кој лик е во фокусот на приказната и што повлекува истото. Имено, во првата верзија целта на сценаристот била гледачите да се стават во кожата на спомнатиот морепловец, кој не го познава јапонскиот. Оттаму, тие на телевизиските екрани не гледале превод кога зборувал локален лик. Во текот на емитувањето на шоуто, весниците повремено печателе речници на јапонски зборови кои најчесто се среќавале во серијата, колку да се задоволи љубопитноста на најупорните.
Во новата адаптација, ова е направено поинаку. Тука се користат титлови, и на тој начин ни е овозможено да навлеземе во мислите и разговорите на јапонските ликови. И не само тоа. Еван „Нрдрајтер“ Пушак, во долното видео, опишува како серијата го користи чинот на преводот за да ги истражи можностите и ограничувањето на комуникацијата помеѓу културите.
Еден таков пример е портретирањето на различните билингвални ликови кои преведуваат за Блекторн, при што секој од нив тоа го прави на свој начин, во зависност од своите мотиви - некој не преведува туку го коментира кажаното, друг(а) ја менува содржината за да одржи баланс на силите - никој да не се навреди итн. Гледачот притоа е единствениот сведок на она што се случува на ниво на јазик, кој патем, иако е англиски, вo „Шогун“ универзумот е всушност португалски - периодот е крајот на 16 век, време кога Португалците ја контролираат трговијата на Јапонија со Запад и португалските свештеници го шират католицизмот (оттаму и познавањето на овој јазик од страна на некои од локалците). Во самата серија има моменти кога ликот најавува дека ќе зборува португалски, а всушност продолжува на англиски - предизвик за Португалците да направат своја верзија од филмот или серијата.