Матниот жаргон на стручните текстови

Како против академското „дрн-дрн“?

Иако академскиот дискурс се оценува како генерално „здрвен“ и непотребно комплициран, американските научници се поподготвени да се симнат од олимписките височини и во две реченици да објаснат што е тоа што го работат. Французите не сакаат да чујат за ваквото вулгаризирање. Македонските генерално само се обидуваат да преживеат.

Анета Чик (Annetta Cheek) е ко-основач на Центарот за едноставен јазик. По професија антрополог, таа ја напуштила академијата за да работи на различни позиции во државни агенции. Искуството со сета таа бирократија и непотребното дрн-дрн довело до тоа таа да предложи и да успее да го излобира „Законот за едноставно пишување" од 2010, чија цел е да ја подобри ефикасноста и одговорноста на државните органи, и да ги обврзе на јасна комуникација, која јавноста може да ја разбере и да ја користи. Велат ако сте Американец и во последно време сте успеале да сфатите некои од законските и подзаконските акти донесени во различни области, како здравство, заштита на потрошувачи или права на ветерани - тоа е заслуга на Чик.

Секако идејата дека треба да се биде концизен, непретенциозен и едноставен не е ограничена на државните институции. Проблемот на непотребната сложеност се однесува и на тн. „научни" или теориски текстови, главно врзани за академскиот свет. Наречен „опскурен", или да поедноставиме - „матен", овој жаргон се опишува како несмасен, „здрвен", непријатен за читање, вообразен и невозможен за разбирање. Од друга страна научниците велат дека сложените идеи кои стојат во основата на нивната работа не можат туку-така да се објаснат без претходно знаење. Како пародија на барањето за поедноставување, некои од нив почнаа да твитаат емоџи верзии на нивната работа:

Во 2006 Даниел Опенхајмер, тогаш професор по психологија на Принстон, објавил истражување во кое тврди дека користењето на јасни зборови може да направи авторите на ваквите текстови да изгледаат поинтелигентни. Ова му ја донесе Иг нобеловата за книжевност (пародијата на Нобеловата), а авторот смета дека тоа е најверојатно заради сатиричниот наслов на текстот: „Последици на ненужно утилизираниот ерудитски говорен јазик: проблемот со користењето на долги зборови без потреба" ("Consequences of Erudite Vernacular Utilized Irrespective of Necessity: Problems with Using Long Words Needlessly").

И додека оние во академијата велат дека понекогаш се натерани да пишуваат со висок стил за да бидат сфатени сериозно, циниците велат дека тие всушност играат елитистичка игра, обидувајќи се да ги избркаат „натрапниците". Овој начин на изразување станува толку „природен", што тој почнува да работи против научниците, кои дури и на своите пријатели и роднини вон еснафот не можат да им раскажат во две реченици што е тоа што го работат. Ова се нарекува и „проклетство на знаењето", за кое повеќето истражувачи не се ни свесни.

Решението можеби е во почестото обраќање на луѓето од академијата кон „обичниот свет", преку нивни блогови, Твитер или други средства. Сајтот TheConversation. com, на пример, нуди таква платформа на која професионалци од различни области, на многу едноставен начин, обработуваат важни и интересни теми. И тука има уредници, ама тие работат исклучиво на поедноставување на она што е кажано - се форсираат пократки реченици, приземни конструкции, а се исфрлаат непотребни „украси". Во моментов на сајтот пишуваат 1500 професори и научници од 300 институции, а уредниците се главно професионални новинари.

Засега американските професори се многу поотворени за ваквата идеја на поедноставување отколку нивните европски колеги. Кога слушнале за идејата во Франција реакцијата била - ние не пишуваме за нешто да искажеме (express), туку да импресионираме (impress).

Поврзано: „Научници и професори, бидете малку и новинари!" 

и

„Како да објасниш што е антивортекс сифон“

27 октомври 2015 - 08:42