Под наслов „Забранети во САД“ (Banned in the USA - можеби игра на зборови со Born in the USA на Спрингстин), извештај поднесен од ПЕН Америка, непрофитна организација која се бори за слобода на говорот, наведува дека во 2899 училишта од различни региони на САД, во кои учат повеќе од 2 милиони ученици, забраниле 1.145 поединечни наслови од 874 автори, 198 илустратори и девет преведувачи. Но она што е најважно е што овие бројки не се однесуваат на години и децении, туку САМО на периодот помеѓу 1 јули 2021 и 31 март 2022 година.
Голем дел од забраните, според нив, се должат на десничарски кампањи за цензурирање, но и на поширока војна која се води во јавното образование, која влијае врз библиотеките, учениците и локалните заедници. Некои книги се повторно дозволени благодарејќи на отпорот на учениците и нивните родители.
Според анализата на ПЕН Америка, трите најчесто забранувани наслови се фокусираат на истополовите односи, а тоа се: Gender Queer: A Memoir од Маја Кобабе (забранета во 30 училишни области), All Boys Aren't Blue од Џорџ М. Џонсон (21 oбласт) и Lawn Boy од Џонатан Евисон (16 области).
Забранувањата на книги во американските училишта не е ништо ново (нели токму затоа секоја година се одбележува Недела на забранети книги, како знак на протест против ваквата практика), но фрекфенцијата, интензитетот и успехот на ваквите забрани се толку зголемени што резултатите од студијата се оценети како „шокантни“.
Освен спомнатата тема, се забрануваат и книги кои имаат врска со раса, род и секс. Иронично е, што истите оние кои до неодамна претставувале напредок во она што модерно се нарекува „инклузија“, односно обработувале широка лепеза на теми и покривале различни целни групи сега - во ерата на прогресот! - сега се прогласени за непожелни.
Од американските држави во бројот на забранети книги води традиционално конзервативниот Тексас, каде бројот на документираните забрани е 713.