Како книга за пчели ја скандализирала Европа

Насловот не делува дека е контроверзен. Но „Приказната за пчелите“, која најпрвин била објавена анонимно во 1705 всушност била остра сатира со критика упатена кон богатите и моќните од тоа време. 

На 8 јули 1723, една книга била ставена на обвинителна клупа. Големата порота на судот во Мидлсекс, Англија, требало да одлучи дали таа навистина го навредува јавниот морал. „Приказната на пчелите“ од Бернард Мандевил наводно не го признавала Божјото провидение и неговото влијание врз светот; ги напаѓала сите чесни институции на општеството - политичарите, свештениците и универзитетите; и, најлошо од сè, се обидела да ги претстави религијата и доблестите како опасни по државата, а наместо тоа да препорача луксуз, алчност, гордост и секакви други пороци како неопходни за јавната благосостојба. 

Интересно, но во ова тврдење имало економска логика. Според неа, неморалните активности на поединци (прекумерното уживање во нештата) можат да генерираат поширок економски бенефит за општеството во целина. Оттаму, порокот не само што бил неопходен, туку и пожелен. 

Авторот, Бернард де Мандевил (подоцна го отфрлил ова „де“) бил холандски доктор кој се преселил во Англија на крајот на 17 век, со амбиција ем да работи во професијата, ем да стане книжевно познат (нешто што дотогаш не му одело). Ова дефинитивно му успеало - немало човек барем од писменото благородништво кој не дознал за неа. 

А токму тоа благородништво и било мета на критиката. Сатиричната поема опишува пчелино семејство кое се состои од богати но морално корумпирани пчели. И покрај привилегираниот живот што го водат, тие се постојано во состојба на мрчаторско незадоволство, особено изразено кај најуспешните. Останатите пак им завидуваат, а фрчат и обвинувања дека другиот е оној нечесниот, грешниот, расипаниот. На крај нивниот бог Џов (Јов) им ја услушува молбата и преку ноќ го чисти пчеларникот од какво и да е неморално однесување. Сега сите пчели се добри и доблесни. 

Но последиците од ова не се баш оние претпоставените. Излегува дека присуството на пороци било суштината на благосостојбата на пчелите. Во реформираната кошница секој си ги плаќа долговите, а доколку не е во состојба да го стори тоа, тогаш сите треба да дадат доброволен прилог. Институциите кои се поврзани со регулација и корекција на проблематичните однесувања сега се вишок. Откако и последните „криминалци“ се средени, веќе нема потреба ни од полиција, судови и затвори. И сето ова постепено води до искоренување и од потребата за елита, чии егзотични побарувања за кафе, шеќер, свила и други увозни производи се сметаат за непотребен луксуз кој штети на заедницата во целина. Наместо тоа, пчелите учат да си прават пообични но локални производи и притоа воопшто не се жалат дека нешто им недостасува. Надворешната трговија замира, нема потреба ни од воени освојувања, па оттаму ни од војска. Така, постепено се случува катастрофа, бидејќи пчелите се изложени на надворешни напади - на крајот само неколку од нив остануваат живи. Тие треба да се научат да живеат само греејќи се на топлината на својата морална супериорност: „Слетаа на шупливо дрво/ Благословени со задоволство и чесност“. 

Сето ова секако треба да се стави во контекстот на 18-вековна Англија, кога се случуваат крупни културни и политички промени. Почнува да се развива нешто што подоцна ќе стане познато како пазарна економија, а тоа создава и нова економска и политичка класа. Сега веќе не е само аристократијата онаа што е богата, поради наследени пари - се отвора можноста и оние со поскромно потекло, со работа и труд (како пчелите) да направат пари а со тоа да се здобијат и со политичка моќ. Но дали овие нови луѓе, „со крстот на чело“, навистина ќе бидат и подобри? Дали со тоа ќе придонесат или напротив ќе ја влошат генералната ситуација во општеството? Мандевил практично визионерски зборува за судирот помеѓу капитализмот и социјализмот, богатата и работничката класа и сите консеквенци од победата на едната или другата. Она што го погодил е токму централната теза на книгата - зголеменото богатство не може да биде средство за елиминација на најлошите човечки особини, бидејќи токму тие и го создале истото.  

15 јануари 2025 - 09:56