пишува: Борис Дежуловиќ
Стотина ангажирани писатели и сценаристи секојдневно го спасуваат светот, а стотици физичари, историчари и филозофи ги толкуваат парадоксите и предизвиците на патувањето низ времето, објаснувајќи дека историјата не е брз и ефектен Нетфликс „тру крајм“ документарец за сериски убиец, туку бавен шесточасовен црно-бел филм на Бела Тар, чија порака накратко гласи: дали сте сигурни дека историјата би била драматично поинаква доколку патник низ времето пред стотина години во онаа минхенска пивница навистина успеел да го убие Адолф Хитлер? Или, што знам, петнаесетина години порано успеел да упадне на виенската Академија и да го пронајде Кристијан Грипенкерл - славниот професор по уметност од тоа време, па со револверот на слепоочница да го увери да го прими оној млад провинцијалец, кој фасциниран од големиот град слика китнести палати?
Нашиот свет, меѓутоа, колку и да е вообличен и дефиниран од Втората светска војна, е сè подалеку од неа. Што ни значи денес Хитлер? Колку луѓе сега, да има можност за патување низ времето, би оделе толку далеку? Еве на пример кога јас, во вака вообличен и дефиниран свет, би пишувал роман со истата фантастична оригинална премисла и мисија за спасување на светот, мојот јунак би патувал многу пократко. Би излегол од временската машина веќе есента 1969.
Среда, 29 октомври 1969, десет часот навечер. Точно на време. Зрела есен, но во Лос Анѓелес е уште топло, и мојот јунак излегува на улица во лесна ветровка на кошаркарскиот клуб UCLA, Универзитетот Калифорнија во ЛА, па со бејзбол палка скриена во ракавот влегува во универзитетскиот кампус.
Калифорнија во 1969 е легло на секаков олош - таинствениот Зодијак токму тие октомвриски денови убива низ Сан Франциско, а на суд во Лос Анѓелес се и арапскиот христијанин Сирхан Сирхан, убиецот на Роберт Кенеди и психопатот Чарлс Менсон, но човекот кого го бара мојот јунак, спасителот на светот, воопшто не изгледа како чудовиште: на црно белата фотографија од средношколскиот алманах гледаме незабележителна округла бела глава врамена со обична црна коса, никакво и безопасно лице кое изгледа како обид на вештачка интелигенција да направи фотосимулација на бела американска бубалица која ја заобиколила баш сета контракултура на шеесетите.
Типот се вика Чарли Клајн и е студент по компјутерско програмирање на UCLA. Вие денес, во 2023, немате поим кој е Чарли Клајн, и тоа е добар знак. Дали тоа значи дека мојата мисија е успешна? Нетрпелив како и вие, го следам мојот јунак додека по пустиот кампус ја бара зградата од црвена тула со натпис Henry Samueli School of Engineering, па со брз чекор се качува на спрат, до вратата на која пишува Network Measuring Center. Toчно е 22:30. Мојот јунак се врти околу себе и тивко ја отвора вратата.
Внатре е Чарли заедно со постар професор кој разговара на телефон. Не го забележуваат: опкружен со лимени ормари кои изгледаат како големи магнетофони, меѓу километери дебели кабли, како лик од „Бразил“ на Гилијам, Чарли е целосно концентриран на тастатурата, на која со показалецот несигурно ги удира буквите Л и О. „Дали добивте Л и О?“, прашува потоа професорот во телефонската слушалка, па задоволно се врти накај Чарли: „Супер оди, добиле“. Пред студентот, сега веќе самоуверено, да ја впише и третата буква, се слуша необичен звук. Се врти и во тој момент чувствува тап удар.
Нешто подоцна, студентот Клајн се буди од несвест и сфаќа дека тој и професорот се врзани. Пред нив стои некој тип во ветровка со UCLA, им објаснува дека доаѓа од иднината, од 2023 година, па мава со бејзбол палката по оние ормарите и неповрзано кажува неверојатни бесмислици: дали тие знаат дека тоа што тука го прават е почеток на крајот на светот, дали се свесни дека пораката Л-О-Г-И-Н која сакаат да ја испратат во 500 километри оддалечениот Стенфорд всушност била почеток на најстрашното зло во историјата на човештвото, нешто што ќе се вика - интернет?
„Благодарејќи ви вам и на вашиот проект, светот толку темелно ќе заглупави, што за педесетина години луѓето во Америка нема да веруваат дека Армстронг некогаш се спуштил на Месечината, тврдејќи дека тоа е завера на луѓето-гуштери, па во борбата против педофилската кабала, која во подрумот на една вашингтонска пицерија јаде мали деца, со шамански рогови на глава ќе упаднат во Конгресот“, се дере типот пред вчудоневидениот Чарли и неговиот професор, „а во мојата земја парламентарците ќе го убедуваат народот дека летните бури ги предизвикуваат зли мастермајнди од стриповите за Флеш Гордон!“.
„Не можеш да ја запреш револуцијата, не можеш да ја запреш револуцијата“, дофрла врзаниот професор, додека мојот јунак со бејзбол палка и мало противпожарно секирче удира по големите компјутери, кревајќи гејзери од синкави искри. Така, да скратам, во среда, 29 октомври 1969 во 22:30, во чад и оган заврши АРПАНЕТ, амбициозниот проект на американската Агенција за напредни истражувања, со кој прв пат во историјата на кратко е воспоставен пренос на податоци помеѓу два меѓусебно оддалечени компјутери, пионерски потфат кој требаше да биде почеток на научно-фантастична светска компјутерска мрежа наречена интернет.
Што се случи потоа? Ех. Не сакате да знаете.
„Откако студентот Чарли Клајн и професорот Леонард Клајн рок на 29 октомври 1969 во 22:30 успешно извршија пренос на првите две букви на историската порака ЛОГИН, системот одеднаш се сруши“, токму така и денес, проверете и самите, пишува на Википедија. „Па сепак, револуцијата почна', рече професорот Леонард Клајнрок“.
А јас? И ден денес знам да се разбудам облиен во пот: нели можев за една толку важна и етички сложена историска мисија да пронајдам некој потемелен и попрофесионален?
Оригиналниот текст тука