Во доцниот 19 и раниот 20 век стенографијата во англиските говорни подрачја станала цела индустрија - илјадници секретарки, симултани преведувачи и судски службеници го користеле системот на Ајзак Питман и Џон Роберт Грег, кој овозможувал запишување до 280 зборови во минута и со тоа го намалувал стресот на точно спелување на зборовите во моментот на нивно запишување.
Првите верзии биле прилично комплицирани, но потоа со текот на годините се поедноставувале. За да можат особено младите подобро да го научат и да се навикнат на знаците, биле објавувани и некој вид лектири - класични дела напишани на тн. „Грегов стенографски јазик“.
Првата ваква книга е од 1903, 87 страници долгата „Писма од еден самоук трговец“ од Џорџ Хорас Латимер. Десет години подоцна излегла „Легендата за Слипи Холоу“, потоа „Алиса во земјата на чудата“, „Хамлет“ и „Божикна приказна“ како и дела од Ги де Мопасан и Едгар Алан По. Сите овие изданија се напишани на нешто познато како „ран Грег“, односно на посложената верзија, а упростувањето почнало во 1929 и кулминирало во 1988.
Како што нè потсетија пријатели од некогашното средно дактилографско (од чии учебници учевме куцање на слепо, да, на ОБИЧНА машина за куцање), стенографија се изучуваше и кај нас, и во тоа училиште, а подоцна и во економското „Арсениј Јовков“ кое во деведесетите се спои со дактилографското. И денес на седници на државни органи и тела се водат стенограми, додуше со употреба на машина. Како бил прилагодуван овој систем на потребите на македонскиот јазик и колку се разликува од оригиналниот не знаеме, но со оглед на тоа колку често се спомнуваат стенограмски белешки во контекст на некој актуелен конфликт, не е лошо човек да си ја научи оваа вештина, и да си води записник, дури и за сопствените мисли.