Темпл во последниве години направи неколку музички документарци, меѓу кои за Џо Страмер и за Д Кинкс. Но покрај неговата музичка фасцинација, тој е заинтересиран и за општествениот контекст во кои се случувале различните музички движења.
Најновиот документарец за Кит Ричардс, под наслов „Потекло на видовите" чија премиера се случи на 23 јули на Би-би-си 2 (толку се стиснати што не пуштиле ни трејлер онлајн) е токму таков - не е во целост биографија на Кит, уште помалку на бендот, туку приказната завршува токму кога Стоунси стануваат познати.
Инспирацијата на Темпл му дошла од автобиографијата на Ричардс која излезе во 2011, во која првите поглавја зборуваат за неговото детство во Дартфорд. Токму тоа била главната тема на интервјуто кое тие го снимиле во април, како некој вид „усна историја" за идните генерации кои не знаат речиси ништо за тој дел од англискoто минато.
„Тато работеше за Џенерал електрик, правеше сијалици. Неговиот светоглед беше од 1930-тите и од Депресијата: ако имаш работа треба цврсто да се држиш до неа. Ретко ми викаше 'добро си го направил тоа, сине'", вели Кит во интервјуто. Но неговата мајка пак била вистинска бунтовничка, и табиетот веројатно му е од неа. Многу слушала радио и имала добар смисол за хумор. И покрај сета слава којашто следела по формирањето на Стоунси, Кит никогаш не ја загубил свесноста за сопственото потекло и времето низ коешто проживеал.
„После филмот сфаќате дека човекот е многу приземен. Мислам дека е во мир со самиот себеси: знае кој е", вели Темпл за Ричардс.