Maгнетната резонанца е техника на правење медицински слики на анатомијата и физиолошките процеси во телото, со кои се добива детален и неверојатно прецизен увид во тоа што се случува во него. Популарно е поврзана со високата цена на чинење на еден скен и клаустрофобијата којашто фаќа во „тунелите“ додека се врши скенирањето, а вклучува и погрешни претстави за видот на зрачењето - за разлика од рентгенот, машините за магнетна резонанца не вклучуваат икс-зраци или употреба на јонизирачка радијација, па оттаму не се штетни во оваа смисла.
Во овој документарец од 2019 (50 мин), некои од членовите на тогашниот тим, денес пензионери, раскажуваат со каков отпор се сретнале кога го предложиле новиот метод, но и колку и самите не биле свесни што ќе значи тој во иднина и колку животи ќе спаси.
Денес машината е изложена во Кралската болница во Абердин, а делува како куп железо, со бакарни цевки кои на времето биле поставени од локалните водоводџии. Во споредба со денешните скенери, интензитетот на магнетното поле коешто можел да го генерира стариот бил сто пати помал, но сепак доволен за добивање квалитетна слика на која можеле да се забележат потенцијалните несакани промени (на пример тумори).
Споредна занимливост поврзана со тимот зад првиот MRI скенер е што еден од неговите членови, американскиот физичар Вилијам А. Еделстајн, во 2010 на собир на Американското физичарско здружение презентирал статија според која вселенските патувања со брзина на светлината не се можни, затоа што при такви брзини дозата радијација би била фатална за екипажот. Притоа недоволно тактично како пример ги зел „Ѕвездени патеки“ и неможноста бродот Ентерпрајз некогаш да стане реалност. По ова наишол на бран протести од фановите на серијата, кои некако не сакале да ѝ веруваат на науката кога се во прашање нивните омилени ликови.