На 21 декември 1918 весниците почнале да објавуваат предупредувања поврзана со пандемијата на грип, чиј прв и втор бран веќе поминале. Не само што читателите требало да одолеат на искушението за празнични гушкања и бакнувања, туку не би требало ни да бидат собрани во поголеми групи, за да се оневозможи повторно разгорување на болеста.
Звучи некако познато, нели?
„Ќе им ја покажете љубовта на родителите, браќата и сестрите и на сите останати со тоа што ќе останете дома наместо да одите на визити, да правите семејни собири и журки“, напишал во соопштението главниот здравствен инспектор.
Божик 1918 сепак не бил идентичен со Божик 2020. Пандемијата веќе го поминала својот врв есента 1918 во рамки на вториот бран. Денес пак бројот на смртни случаи во САД кои се припишуваат на ковид се највисоки од почетокот на пандемијата. Но шпанскиот грип сепак на времето убил многу повеќе луѓе (675.000) отколку што тоа го има направено ковид-от. Исто така, пред еден век федералните власти имале многу помалку авторитет и моќ отколку што има денес. Комисијата за контрола на болести не постоела до 1946. Одлуките во врска со справувањето со болеста главно ги носеле државите но многу често и општините, на локално ниво.
Препораките од тоа време сепак необично потсетуваат на денешните и покажуваат дека човештвото и не станало нешто попаметно, за разлика од вирусите кои еволуирале и се зајакнале со отпорност и „знаење“. Носење маски и социјално дистанцирање, тоа важело во 1918 и важи и денес. Со тоа што тогаш маските биле главно правени дома, со користење неколку слоја газа, а требало да бидат варени во врела вода десет минути дневно за нивно дезинфицирање.
Исто како и денес имало голем број недоследности и протести. Во Милвоки, на пример, жителите се жалеле дека властите ги затвораат црквите, но ги оставаат отворени салуните. Да не може да се појде во црква за германските и норвешките имигрантски заедници во оваа држава било особено вознемирувачко.
Секако, Божик е време за шопинг и тоа било така и пред сто години. Рекламирањето почнувало уште во ноември, а големите синџири не подржувале носење маски бидејќи сметале дека тоа е „застрашувачко“ и влијае врз потрошувачката.
Она што е различно е што, според историчарите, анти-ковид мерките тогаш не биле толку политизирани како денес. Повеќето луѓе едноставно се придржувале до нив затоа што имале поголема верба во властите и експертите, во науката и медицината, иако тие многу порудиментарни отколку денес. Исто така епидемиите не биле непознати. Голем број семејства имале загубено дете од дифтерија, или имале близок заразен од полио. Голем број здравствени институции имале и полициски овластувања а службениците носеле беџови.
Сите овие податоци се содржани во Енциклопедијата на грипот, дигитална архива на материјали поврзани со пандемијата. Предноста во однос на семејните прослави била што луѓето тогаш се уште живееле во проширени семејства, па празничната вечера не била нешто за коешто членовите требало да летаат од еден крај на земјата до друг. Различно било само за младите кои се враќале од бојните полиња во Европа и од воените бази по официјалниот крај на Првата светска војна на 11 ноември. За оние пак кои загубиле некого во овие битки (во кои загинале повеќе од 100.000 Американци) тоа било тажен Божик. Но за многумина други, олеснувањето поради крајот на војната и опаѓањето на кривата било охрабрувачки знак за новата 1919 година.