Оваа година Германија очекува 1,5 милиони апликации за азил од Сирија и од другите блискоисточни воени подрачја. Истовремено, во неа веќе живее голем број турско имигрантско население. „Ако во Германија влезете како возрасен човек, шансите дека цел живот вашиот германски ќе биде несовршен се големи. Јазик, како германскиот, во кој вилушките се од женски род, лажиците од машки а ножевите среден, изгледа е намерно така направен за никој да не може да го зборува како што треба ако го учи по тинејџерските години", вели по малку злобен (и англоцентричен) коментатор на Атлантик.
Од друга страна, децата на имигрантите можат да развијат (и веќе развиваат) вид германски кој не е стандарден, но не е ни мешавина на граматичката структура на нивните сопствени јазици и на оној во новата татковина, туку нешто трето. Главна карактеристика на овој „кицдојч" (Kiezdeutsch, нешто како маалски германски), познат и по погрдните „канак спрак" и „гетошпрахе", е упростувањето, па така од Morgen gehe ich ins Kino (Утре одам јас во кино) на стандарден германски, се добива Morgen ich geh Kino (буквално: Утре јас одам кино), ем скратено, ем со инверзија на глаголот и личната заменка, што и за наши уши звучи поприфатливо. Исто така постои спојување на зборови, како es gibt (има, постои) во gibs или lassma од lass uns mal (дозволи ни, допушти).
Ваквиот говор се споредува со оној на црното население во Америка, кој како и овој на германското имигрантско население често филмски се прикажува како „ганстерски", стереотипен знак на неприлагоденост и ниска култура во однос на „елитната“. Но кицдојч всушност коегзистира со стандардниот германски, а врз него, исто како и врз другите германски дијалекти, влијае културната и јазичката средина.
Слични „дијалекти" на имигрантското население се среќаваат и во Шведска, Норвешка, Данска. Специјалистите ги нарекуваат овие нови верзии на старите европски јазици „мултиетнолекти", иако концептот важи и за воневропски земји. Се смета дека за 50 години од сега ќе има веќе остарени Европејци со имигрантско потекло кои ќе го користат мултиетнолектот како нивен секојдневен говор. И ова според лингвистите не е никаква причина за паника, затоа што колоквијалниот јазик може да функционира независно од оној стандардниот. А еволуцијата на првиот, барем во Европа, допрва започнува.