Како Хеди Ламар придонела за пронаоѓањето на безжичниот интернет

Во доцните 1930-ти и раните 1940-ти, Хеди Ламар веќе била холивудска ѕвезда, позната по нејзините улоги на фатални жени. Но малкумина од нејзините современици знаеле за една друга нејзина пасија - иновациите.

Хеди Ламар, родена во Австрија под името Хедвиг Кислер, ја знаеме пред сè како филмска дива, која во својот прв, европски филм од 1933, “Екстаза“ се појавува целосно гола и симулира нешто што изгледа како прв женски оргазам на филм. Но освен фатална жена во приватниот живот и на големото платно, таа била и самоук изумител. Нејзината врска со авијацискиот тајкун Хауард Хјуз ѝ помогнала да добие пристап до неговиот тим научници, кој применил некои од нејзините пронајдоци. Сметала дека неговите авиони се „премногу бавни“, па дизајнирала нов, поаеродинамичен облик на крила, инспирирана од книга за риби и птици. И ова е само мал дел од нејзините предвоени изуми.

Ламар нашла сродна душа во Џорџ Антеј (George Antheil), авангарден пијанист, композитор и писател, кој исто така се занимавал со инженерство. Кога тие сфатиле дека непријателските сили ги саботираат сојузничките радио сигнали, почнале да бараат решение. Резултатот бил пренос на сигнали наречен „спектар на прескокнувачки фрекфенции“ (frequency-hopping spectrum), кој и денес се користи во бежичната технологија.

Приказната за Ламар и Антеј совршено е илустративна за разбирањето на мултиталентираниот ум. Терминот „полимат“ кој се однесува на луѓето со широк опсег познавања и вештини е предмет на дискусија - корените му се во древна Грција, а прв пат со денешното значење е употребен во раниот 17 век. Сепак, не е јасно колку напредни треба да бидат знаењата на полиматот и во колкав број дисциплини. Повеќето истражувачи тврдат дека за да се биде вистински полимат е потребно некој вид формално признавање на резултати во барем две неповрзани области.

Една од најдеталните анализи на оваа тема е книгата на Вакас Ахмед, „Полимат“, објавена оваа година. Самиот автор е активен и успешен во неколку области - има дипломирано економија, постдипломските му се од областа на надворешните односи и невронауката, а работeл како новинар и личен тренер. Најнова определба му е уметноста, директор е на една од најголемите приватни колекции на светот, а и самиот е уметник.

И покрај тоа, Ахмед не се идентификува како полимат и смета дека тоа би било арогантно од негова страна. Под „вистински“ полимати тој ги подразбира само Леонардно Да Винчи (уметник, изумител и анатом), Гете (голем писател кој одлично ги познавал ботаниката, физиката и минералогијата) и Флоренс Најтингејл (која освен во областа на медицината била признаена како статистичар и теолог).

Од нивните биографии авторот успеал да извлече неколку заеднички карактеристики. Прво, како што се очекува, натпросечната интелигенција, но исто така и отворениот ум и љубопитноста. Полиматите биле често препуштени самите на себе, се самообразувале и биле поттикнати од голема желба за лична исполнетост (но не и финансиски надомест).

Овие квалитети биле комбинирани со холистички поглед на светот - тие барале фундаментални врски помеѓу областите, а не само внатре нив. Методот кој често и несвесно го користеле бил оној на „опрашување“ на една област со идеи од друга. И денешните влијателни научници често имаат широки интереси вон нивната примарна област на истражување. Студии покажале дека за научниците кои имаат добиено Нобелова е 25 пати поверојатно (од просекот) да бидат надарени за пеење, танцување или актерство. 17 пати повеќе би биле склони да создаваат визуелна уметност, 12 пати повеќе да пишуваат поезија и четири пати повеќе да бидат музичари.

Советот на Ахмед за оние кои се добри во одредена работа е следниот: можеш да влезеш во „зоната“ и да бидеш многу продуктивен до одредена мерка во една област, но потоа мораш да ја промениш активноста за да ѝ се вратиш на првата свеж и со нова енергија. Да се биде полимат често се поврзува со минатото, со историјата и ренесансата. Но според него актуелните светски проблеми можат да ги решаваат само луѓе со широки познавања и отворен ум, токму како некогашните полимати.

25 ноември 2019 - 20:55