Како го лекувале ракот во древна Грција?

Иако првиот случај на рак бил регистриран во Египет 1600 години пред нашата ера, токму древниот лекар Хипократ, таткото на медицината, ја идентификувал и прв ја именувал болеста која до денес го мачи човештвото.

„По долга и тешка болест“ во некролозите најчесто асоцира на тоа дека починатиот заминал од некаков тип на рак. Иако често го употребуваме и се плашиме од него, ретко кој го знае потеклото на зборот. Древниот грчки доктор Хипократ опишал неколку видови од оваа болест, нарекувајќи ја „каркинос“, грчкиот збор за рак или каркинома (карцином). Терминот произлегол од изгледот на пресекот на цврст малиген тумор чии вени се протегаат на сите страни, како нозете на ракот (на истата тема види претходно Од каде болеста рак го добила своето име).

Концепцијата на Хипократ за ракот била теоријата на четирите телесни течности: крв, слуз, црна и жолта жолчка. Било каков дисбаланс помеѓу нив резултирал со болест, а вишокот црна жолчка во одреден орган бил толкуван како причина за рак.

Во вториот век од нашата ера, Гален ги нарекол бенингните тумор „онкос“, од грчкиот збор за оток, резервирајќи го „каркинос“ за малигните.

Теоријата за поврзаноста на телесните течности и ракот била стандардна и во средниот век, и тоа цели 1300 години. Во текот на овој период аутопсии биле забранети поради верски причини, оттаму ограничувајќи го знаењето за ракот. Оваа теорија останала популарна до 19 век, кога биле откриени клетките. 

Бидејќи и старогрчката традиција забранувала отворање на телото, Хипократ опишал и нацртал видливи тумори само на кожата носот и градите. Третманот се состоел од менување на видот на исхрана, пуштање крв и/или лаксативи. Меѓу првите симптоми на рак се сметал горчлив вкус во устата, како и губиток на апетитот. 

Во времето на Гален пак, највообичаени типови рак биле оној на матката и на градите кај жените. Лекарите и тогаш забележувале дека туморите на ракот можеле да се почувствуваат на допир, дека имале несиметричен облик, околното ткиво покажувало проширување на крвните садови и дека биле „студени“ односно температурата на тоа место била пониска. Промената во третманот во овој период бил во тоа што тие биле отстранувани и по хируршки пат. По операцијата, исто како и сега, пациентот требало да следи посебен режим на исхрана и физички вежби. Сепак, со оглед на тоа што и по отстранувањето биле препорачувани куп лекови и билки покажува дека опоравувањето и оздравувањето одело многу тешко. 

извор

23 јануари 2024 - 17:38