Како еден расказ oбјавен во Њујоркер го разбранува интернет

„Љубител на мачки“ е дебитантски краток расказ на Кристен Рупениан, објавен во Њујоркер од 11 декември. Тој предизвика бурни реакции поврзани со модерните врски и дефинирањето на „согласноста“. Но покажа и дека луѓето (веќе) тешко прават разлика помеѓу документарното и фиктивното.

„Љубител на мачки“ (целиот тука) се фокусира на два лика: дваесетгодишната студентка Марго, и Роберт, интровертен и по малку необичен маж на возраст од триесетина години. Напишан во реалистичен стил од перспектива на Марго, расказот го следи нивното запознавање, интензивната размена на пораки која наводно ги зближува, и анти-климаксот на нивниот конечен сексуален спој. Всушност и пред него Марго не е баш сосема сигурна дали новиот познаник, за кого не знае речиси ништо (освен дека наводно чува две мачки) ѝ се допаѓа, и дали навистина сака да спие со него. Но отвореното одбивање во „пет до секс“ не ѝ паѓа на памет, па таа пушта работите да се одвиваат по својот „логичен“ тек, а дури подоцна се обидува, со игнорирање, да го исфрли Роберт од својот живот.

Не се работи тука за некоја тешка траума, но целиот тек на настаните е прилично индикативен за изборите коишто ги правиме во секоја фаза од интеракцијата со други луѓе. И, особено, за последиците од нив ако веднаш не реагираме кога нешто ни е непријатно, што од чувство на вина, што од страв дека одбивањето би го налутило другиот, и тој (во случајов маж) би можел да стане насилен и одмаздољубив.

Виралноста која ја доживеа расказот е необична од повеќе причини, прво поради тоа што е прилично долг (4000 зборови), а потоа и затоа што објавен во списание, кое иако е влијателно во одредени интелектуални кругови, е далеку од оние чии текстови се споделуваат „масовно по цело село“. Ова е всушност втор пат расказ од него да доживее волкава популарност - првиот беше кога во 1997 во него беше објавен „Планината Броукбек“ на Ени Пру.

Засега, освен бурни дискусии по социјалните мрежи, „Љубител на мачки“ има инспирирано пародичен расказ-одговор на оригиналот чиј наратор овој пат е Роберт; Твитер акаунт @MenCatPerson преку кој се ре-постираат реакции на гневни мажи (во меѓувреме се откри дека профилот го води жена, чија цел е да ги посочи „погрешните“ - машки - читања на расказот), како и, според проценките, 10.000 исповеди, главно на „миленијалци“, на различни сајтови кои ја начнаа темата.

Вистинската причина за ваквата популарност е сепак погодениот момент - за голем број од оние кои го прочитале расказот (а богами и од оние кои не го сториле тоа, но сепак дискутираат за него), тој се надоврзува на #MeToo кампањата, обидувајќи се низ фикција да прикаже како стојат работите од женска перспектива. Зошто жените, за да не испаднат „кучки“, одат до крај дури и кога не го сакаат тоа? Дали на мажите им недостасува некој „чип“ за да ги забележат сигналите за нелагодност, или тие намерно ги игнорираат и играат на картата на незгодното да се одбие, ако работата веќе отишла „предалеку“? Како да знаеш дали некој „навистина“ ти се допаѓа, кога огромен дел од времето минато заедно во современите врски е всушност виртулено и онлајн?

 

Во оваа смисла расказот е корисен, или барем би требало да биде, доколку би се водела вистинска дискусија, а не повторно рововска битка. За едниот табор (составен главно од жени) Роберт е сексуален предатор, па дури и некој кој би требало да заврши во затвор за силување. За другиот, Марго е манипулантка и курва. Дури и десничарскиот National Review се почувствува повикан да заземе став, па во текст под наслов „Драга девојко од Љубител на мачки“, напишан во форма на писмо до Марго, ја опоменува што таа има спиено со седум мажи а има само 20 години, со зборовите: „Ти си само фиктивен лик, но истовремено и не си“.

И токму тука доаѓа она за нас најинтересното - чувството на оние кои се засегнати од расказот, дека тука не се работи за фикција, туку за мемоар или есеј. „Не сфатив дека ова е парче проза а не новинарство додека не стигнав до крајот, кога видов дека во него нема некоја поука“, постирал еден читател. „Искрено верував дека е статија бидејќи ги поврзувам текстовите во Њујоркер со некоја вест“, напишал друг.

Која е причината што голем број луѓе ја помешале книжевноста со реална исповед? „Случајот со овој расказ покажува дека во последниве неколку години разликата помеѓу фикцијата и не-фикцијата полека исчезнува. Накратко, не нè бива како читатели“, заклучува Лариса Фам во Вилиџ Војс. Поентата е дека кога третираш расказ како да е личен есеј, многу е полесно да си ги проектираш сопствените идеи врз ликовите. Наместо текстот да го сфаќаш како можност за збогатување на светогледот, или начин за истражување на емоционални и филозофски теми, во него бараш лекции за тоа како да живееш. Кога не можеме да сфатиме дека се работи за фикција, и дека одреден автор внимателно одбрал како да го конструира неговиот (во овој случај нејзиниот) свет, со сопствена архитектура и универзум одделен од нашиот, ние го оповршнуваме, и расказот, кој со тоа веќе не е уметност, но и сопствената способност за критичко мислење. Додуша, умни автори (а изгледа авторката на овој расказ е токму таква), знаат да го „наштелуваат“ стилот точно така за границата помеѓу жанровите да не е баш јасна, па комбинирано со погодениот тајминг и сензитивната тема ова да резултира со спомнатата виралност.

Сепак, како да сме заборавиле да гледаме филмови, серии и да читаме книги без во нив да бараме морални поуки, политички пораки, животни совети. Ги бараме таму, затоа што не ги наоѓаме во себе. Кога во книжевноста бараме сигнали не за тоа КАКО да мислиме, туку ШТО да мислиме, тогаш страдаме сите - се брише разликата помеѓу вистината и лагите, фактот и фикцијата, помеѓу уметноста и виралните вести. Само во таков свет е можно расказ да е убедливо најчитаниот текст во Њујоркер за 2017. И притоа никој да не го одговори прашањето - каде му се во расказот тоа мачките на „Љубителот на мачки“?

17 декември 2017 - 16:11