Што ако некој од иднината се појави на вашиот Твитер тајмлајн, ви коментира на фејсбук статусите или отвори блог, и почне да одговара на прашања од читателите? Нешто слично направил Џон Тajтор во доцните 1990-ти. Тврдејќи дека е испратен од иднината на мисија да пронајде некаков стар компјутер, тој зборувал со илјадници луѓе онлајн и прераскажал како ќе изгледа животот во 2036-та, годината од која наводно дошол. Голем дел од неговите кажувања биле всушност предупредувања, од научни до геополитички. Тој дури споделувал и скенови од шемите за неговата временска машина, инсталирана во Шевролет Корвет од 1967.
Неговите „предвидувања" во голем дел не се оствариле, а едно од најголемите промашувања му се настаните од 9/11. Но како да бидеме стопроцентно сигурни дека таму некаде нема некој вистински Џон Тajтор, кој остава трага од предвидувачки трошки на некој задскриен форум, во некој забатален агол на интернет?
Kaкo што известува Њу Стејтсмен, во август 2013 физичарите Роберт Немироф и Тереза Вилсон од престижниот MIT напишале статија под наслов „Пребарување на Интернет заради пронаоѓање докази за патници низ времето". Таа нуди три методи за остварување на оваа цел. Првиот е пребарување на клучни зборови во постови и статии објавени во периодот од јануари 2006 до 2013 во кои се спомнати „папата Францис" или „кометата ISON". Тие се одбрани бидејќи претходно никако не можело да се знае дека идниот папа ќе се вика така (тој е прв кој го носи името Францис), а истото важи и за кометата.
Вториот метод е да се види што пребарувале луѓето на интернет во тоа време - еден патувач во времето можеби се обидувал да види дали одреден настан веќе се случил, и на тој начин сигнализирал дека всушност знае за него. Третиот и последен метод бил интерактивен, и од временските патници било барано да се вратат во времето и да се разоткријат преку твитање или праќање мејл со содржина #ICan ChangeThe Past2 или #ICannotChangeThePast2. Тие биле одбрани бидејќи ниту еден од овие хаштази не бил користен пред студијата.
Резултат од сета оваа обемна работа - ништо. Штурци. Но, како што велат авторите на студијата, негативните резултати никако не значат и доказ дека временски патници не постојат. Можеби тие се премногу добри во самоприкривање, а можеби само не им се допаѓаат алатките како Твитер или Гугл плус.
Што научивме од оваа приказна? Можеби статијава е некаква гиковска зафрканција, но дури и тогаш применетата методологија е прилично издржана, и фрла нова светлина врз она што се постира на социјалните мрежи и „мрачните ќошиња" на интернет. Второ, токму од ваквите мисловни (и реални) експерименти излегуваат најдобрите научно-фантастични книжевни дела и филмови. Трето, погледнето го „Безбедноста не е гарантирана" (Safety Not Guaranteed), романтична драма-комедија на слична тема. Можеби ќе ве инспирира зимава да ја поминете не на друго место, туку и во друго време.