Како да откриеш финансиска измама или законот на Бенфорд

Кога станува збор за откривање финансиски малверзации, човек и не мора да е Шерлок Холмс или да има значка од Еф-би-ај. Доволно е да знае дека бројките и човечката интуиција понекогаш не одат заедно, односно дека првите потпаѓаат под закони кои ако не ги знаеш, може да те разоткријат. Ако единственото што ќе го извлечете од текстот е токму ова, однапред се оградуваме од соучесништво. 

Отворете си ги социјалните мрежи и видете го бројот на вашите пријатели или следачи. Особено, забележете ја првата цифра на оваа бројка. На пример ако имате 400 пријатели, таа прва цифра би била 4, ако имате 79 - 7. Доколку би прашале голем број луѓе да го сторат ова, интуитивното очекување е дека бројките би биле случајни и дека оттаму истото би важело и за првите цифри. Ама...

Откриен во 1881 од Сајмон Њукомб, канадско-американски научник кој немал формално математичко образование, а во 1938 независно и од Френк Бенфорд, американски електроинженер и физичар, според кого е именуван, Бенфордовиот закон е контраинтуитивен но едноставен. Toј тврди дека наспроти очекуваната рамномерна распределба на првата цифра во одреден сет бројки (број на пријатели на социјални мрежи, стапки на смртност, цени на берзи), многу поверојатно е таа да е помал број, отколку поголем. Доколку сите цифри би биле претставени еднакво, како што наивно би се претпоставило, тогаш тие би се појавувале во една деветина од случаите (околу 11,1 процент). Но во необичниот свет на податоците од реалниот свет, неверојатни 30,1% од внесените бројки почнуваат со 1-ца, а 17,6 проценти со 2-ка. Законот држи дури и кога се менуваат единиците мерки на податоците. Така, должината на реките може да се мери во милји или во километри, цените на берзите во долари или денари, но како и да се мерат, пропорциите на првите значајни цифри (првата ненулта цифра во бројот) остануваат исти. 

Универзалноста на законот овозможува негова примена во различни области, но практично е најкорисен кога станува збор за проверка на веродостојност на влезни податоци и излезни резултати. Затоа тој е често клучниот доказ дека бројките се местени - од грчкото манипулирање со макроекономските податоци во својата апликација за еврозоната, до местење на претседателските избори во Иран од 2009. Пораката е јасна: органските процеси генерираат бројки кои протежираат мали први цифри, додека лошите фалсификатори на податоци очигледно не слушнале за Бенфорд.

извор

9 мај 2023 - 08:34