Во 2014 група истражувачи најавиле револуционерно откритие, кое доколку се покажало издржано можело да ги стави на списокот за највисокото признание во науката. На 17 март таа година, космолози од Универзитетот Харвард објавиле дека телескопот БИЦЕП2 за прв пат открил докази на многу кратка забрзана експанзија во тек на раните моменти на космосот.
Но ова неверојатно откритие, чија најава била следена од милиони луѓе од целиот свет, по некое време се покажало како неиздржано. Следната година друга група научници открила дека меѓуѕвездената прашина всушност била причина за повеќе од половината од сингалите на БИЦЕП2. Еден од основачите на тимот на овој телескоп бил токму Китинг, кој во својата книга од 2018 „Како ја изгубив Нобеловата“ го документира подемот и падот на експериментот и како тоа влијаело врз неговиот приватен живот. Станува збор за проект на којшто тој работел речиси една деценија, и иако според неговите зборови „неуспехот не е фатален, а болката не е вечна“, бил потребен подолг период на залечување на раната.
Неговата мотивација да ја напише оваа книга, меѓу другото, било да раскаже приказна за научен неуспех - она за што вообичаено никој не се интересира, или за кое дури и намерно се молчи. Научниците се само луѓе, и тие често се полни со предрасуди и очекувања, во случајот со Китинг дека ќе бидат пронајдени сингали кои ќе ги потврдат тезите на тимот за начинот на кој космосот би требало да функционира. А кога откритието делува толку големо што може да ја заслужи Нобеловата, тоа дополнително го заматува здравиот разум на научниците.
Проблем е и тоа што бројот на луѓе кои реално би ја добиле наградата доколку ја заслужат според моменталните правила на Нобеловиот комитет (за физика) е ограничен на тројца. Во 117-те години на доделувањето на наградата никогаш не е направена корекција на оваа бројка која е премала за начинот на кој се одвива современата наука, а може да вклучи илјадници луѓе (колку што и работеле на Големиот хадронски колајдер). Оттаму оние кои се на најинстурената позиција на некој проект јавноста ги третира како „големи мудреци“, а притоа ги демотивира сите оние кои работат во заднината.
Сепак книгата на Китинг не е само за научниот и општествениот дел од приказната, туку и за најинтимниот. Во автбиографските делови тој споделува приказни за своето детство, религиозноста, отуѓувањето и повторното поврзување со татка си и начинот на кој оваа приватна приказна е поврзана со неговата научна кариера. Најтешкиот дел од пишувањето му бил оној поврзан со неговиот починат ментор Ендрју Ланг, кој се самоубил во 2010. Тој бил пример за одличен ментор, татковска фигура и за Китинг и за стотици други помлади истражувачи, но со кршливо ментално здравје кое дополнително попуштило пред притисоците на научната компетитивност. Патем, пребарувајќи ја приказната за Ленг наидовме на податок дека тој бил женет со Нобеловка од областа на хемијата, Франсис Арнолд (која се појавува во една епизода на Big Bang Theory со уште неколкумина лауреати). Нејзиниот прв сопруг Џејмс Бејли, пионер во биохемиското инжeнерство, умира од рак. Самата се лечи од рак на дојка. Потоа се мажи за спомнатиот Ленг, кој се самоубива. Со него има две деца, од кои едното гине во несреќа во 2016. Во 2018 ја добива Нобеловата награда.
Токму на ваквите приказни се однесува книгата на Китинг. Таа е една од ретките кои ги прикажува научниците онакви какви што се - ранливи, чувствителни, со куп практични проблеми врзани со своите истражувања, но и со често нарушени меѓучовечки односи, поради конкуренција и борба за ресурси. Во сето тоа, дали човек ќе ја добие или не Нобеловата, на крај и не е ни толку битно.