„Ако некому му текнеше да прави шоу под наслов Бело огледало, кои позитивни аспекти на врската помеѓу човештвото и технологијата би ги покривале епизодите?“, праша еден корисник на Reddit.
„Замислувам една во која луѓето ги користат телефоните за навистина да се информираат по некое прашање“, шегобијно коментира некој, додека друг замислува нарација во која баба врзана за кревет во болница сепак успева, со помош на технологијата, виртуелно да присуствува на родендените на внуците и да игра со нив секој ден.
Всушност, повеќето од сценаријата се вртат околку надминување на телесните ограничувања. На пример онаа во која оглувен џез музичар кој со помош на експериментални слушалки по десет години прв пат го слуша „слаткиот звук на џезот“. Има и такви кои се однесуваат на психичките проблеми - за девојка која создава апликација, која ги покажува само добрите спомени на кои инаку не се сеќаваш, а заради која „менталните проблеми на нацијата значајно се намалуваат“.
И покрај тоа што некои од сценаријата се трогателни, од книжевен и филмски аспект тие не се толку успешни колку оние мрачните. Можеби причината е што, како што забележува коментатор на Слејт, за утопиите да бидат интересни повторно е потребен некаков конфликт и ликови кои се наоѓаат на маргините на совршените општества. На пример, во едно такво во кое биолозите навистина успеваат да го запрат процесот на стареење, да има поединци кои сепак ќе сакаат да почувствуваат старост и болка. Макар колку да знаат дека се уште луѓе, а не киборзи.
Оттаму, замислена серија од типот „Бело огледало“ повеќе звучи како пропагандна кампања која репресира стравови, или како бајковидна програма за деца, наспроти реалната слика на она што ни се случува. И на она што допрва ќе следи.
Претходно: Букбокс осврт за првата сезона на Блек мирор