„Почина славниот автор на Името на розата" - велат насловите на повеќето од нив. Но клучевите за толкување на неговото дело, кое е повеќе филозофско отколку писателско, се на друго место.
„Иако не е роман во строгата смисла на зборот, оваа книга е сепак величествен збир на информации, игриво пренесени од мајстор кој го манипулира сопствениот пронајдок – всушност еден долг, учен виц" – вака во 1989 критичарот на Њујорк Тајмс оцени уште еден славен роман на Еко, „Фукоовото нишало". Но сличен осврт би можел да се напише и за повеќето други негови книжевни дела, а повторно да не се згреши. Тоа што во иста реченица се користат зборови како „величествен", „игриво" и „манипулира" е истовремено и констатација, но и по малку прикриен гнев на (учен) читател кој дозволил да биде заведен, и покрај тоа што му било јасно дека на тој начин ќе биде „искористен" за целите на авторот.
Ретки се писателите кои паралелно работеле на два фронта, на оној на книжевната теорија и на оној на „убавата" книжевност, за во таа спрега на крај и да не е баш најјасно, дали од нивното јајце (теоријата) се раѓа кокошката (романот), или пак долготрајното седење врз јајцето (романот) за кокошките (авторите) е начин да ги „снесат" теориите врз кои се базираат нивните дела. За читателите кои се нељубопитни за целиот овој процес останува важно само едно - дали од јајцата се прави добра кајгана.
Романите на Еко во голема мерка се всушност семиотичка лабораторија, каде се применуваат, тестираат, понекогаш дури и карикираат неговите теориски ставови за „дискурзивните стратегии", „реторичките и стилските хиперкодификации" или „наративните изотопии кои генерираат комплементарни приказни". Притоа вие и не сте свесни дека со читањето на романот доброволно учествувате во книжевен експеримент, во кој Еко ве води низ наративната шума, намерно заобиколувајќи ги претходно разгазените патеки, правејќи од вас истовремено и негово „заморче“, но и негов соработник. Ако некогаш од таа „соработка" излезете со чувство дека сте измамени или потценети (како ние со „Прашки гробишта" - види осврт тука), ваш проблем - не сте ги читале, или не сте ги читале доволно внимателно, теориските дела на Еко, каде тој многу отворено ви кажал што всушност мисли да ви прави.
За да ја илустрираме поентата, еве извадок од „Читателот во фабула: интерпретативна соработка во наративните текстови", објавена уште во 1979, каде односот помеѓу авторот и читателот се споредува со воена стратегија:
Текстот ја постулира соработката на читателот како сопствен услов на спроведување. Прво би можеле да кажеме дека текстот е производ чија интерпетативна судбина мора да учествува во сопствениот генеративен механизам: создавањето на еден текст значи остварување на една стратегија во која се вклучени предвидувањата на туѓите потези - како впрочем во секоја стратегија.
Во воената (или во шаховската) стратегот си замислува модел на противникот. Ако јас направам ваков потег, размислуваше смело Наполеон, Велингтон би требало да реагира така. Ако јас направам ваков потег, заклучуваше Велингтон, Наполеон би требало да реагира онака. Во тој специфичен случај Велингтон ја замислил својата стратегија подобро од Наполеон, си исконструирал модел-Наполеон што многу повеќе личел на конкретниот Наполеон отколку што моделот-Велингтон замислен од Наполеон личел на конкретниот Велингтон. Аналогијава може да биде побиена само од фактот дека, во еден текст, авторот обично му дозволува на противникот да победи, наместо да загуби...Но предвидувањето на сопствениот модел-читател не значи само „да се надеваш" дека тој ќе постои, туку значи и да го движиш текстот така за тој да придонесува кон производство на одредена компетентност. Значи ли тоа дека текстот е помалку мрзлив и неговото барање за соработка е помалку либерално отколку што се прикажува? Дали тој повеќе личи на кутија со монтажни елементи која го ангажира корисникот да работи на производство на еден, и само еден вид производ, без пардон за можните грешки, или е повеќе кутија Лего коцки со кои можат да се конструираат најразлични форми по сопствен избор? Дали тоа е само една прескапа кутија која ги содржи деловите на една сложувалка, од кои по нивно составување секогаш ќе се појави ликот на Мона Лиза, или повеќе личи на кутија пастелни бои?
Еко, ти благодариме што нè учеше да читаме шеми, истовремено шарајќи ги со игриви боички.