Ова го вели Еко за неговиот најнов роман, со познатиот арогантен тон, кој и му приличи на еден 79-годишен универзитетски професор по семиотика, со домашна библиотека од над 50,000 книги, експертско познавање на средовековна Европа, статус на поп-икона во литературата дури и кај оние кои никогаш не го читале, и последно но не и најмалку важно, истенчено непце за добра храна. „Иако не е роман во строгата смисла на зборот, оваа книга е сепак величествен збир на информации, игриво пренесени од мајстор кој го манипулира сопствениот пронајдок – всушност еден долг, учен виц" – вака во 1989 критичарот на Њујорк Тајмс го оцени неговиот славен роман „Фукоовото нишало". Кога во вторник, 8. ноември ќе излезе англиското издание на „Прашки гробишта" истиот може да си направи копи/пејст од критиката, и таа повторно да важи и за овој роман. И да додаде еден куриозитет – дека Србите претркаа пола западна хемисфера, објавувајќи го романот за време на изминатиот Саем на книгата во Белград.
За да го прочитате најновото од Еко можеби навистина не е потребно да сте упатени во историјата на предминатиот век, да знаете за језуитите, карбонарите, масоните, семитите и анти-семитите, свештениците, фанатиците, шарлатаните, револуционерите и владетелите, но секако е добро да имате исто онолку кондиција во асимилирањето на информациите колку што авторот покажал при нивното собирање и проучување. Политичката историја на континентот во споменатиот период е доволно сложена дури и на ниво на средношколски учебник - кога на таа позадина ќе се накалеми и паралелната, а сепак реална историја, онаа на заговорите, политичките интриги, мистериозните убиства и двојните шпиуни, тогаш е време да си земете моливче и хартија, и да почнете дијаграмски да ги одбележувате ликовите и нивните односи.
А кога Еко во сета таа историска турлитава ќе ви ги вмеша и Шарко, Фројд, еден сатанистички култ, неколку терористички организации, и дури три главни лика, чии нарации се испреплетуваат, надополнуваат, но понекогаш и исклучуваат, е тогаш ќе треба да се одлучите – дали ќе ја дочитате книгата засрамени од вашето просечно, а во случајов недоволно познавање на темата „Книжевното, политичкото и историското милје на Европа во 19-век, со цитати и алузии на постоечки дела и ликови, придружна библиографија и илустрации", или ќе се откажете од читање.
Еко не би бил просветен работник да не смета дека негова задача, освен да ја забавува, е и да ја поткова читателската публика, не само со историско туку и со теориско-книжевно знаење, па на крајот на книгата укажува на разликата помеѓу story и plot (приказна и заплет), нудејќи таблица за нивно разграничување во романот (прва колона – број на поглавје, втора колона – хронологија на дневникот кој го води главниот јунак/јунаци, трета колона – хронологија на настаните кои личностите ги опишуваат во дневникот).
„Читателот може да ужива во приказната и без овие суптилности", вели Еко во овој додаток, „но ако тој е ситничар, или споро сфаќа, тука е табелата во која се разјаснети односите помеѓу двете нивоа, а кои се својства на секој – како што некогаш се велеше – добро обликуван роман."
Жити сè! – ти иде да искоментираш после оваа навреда, упатена на тебе, несуптилниот, глупиот и ситничав читател, кој по една недела задишано пробивање низ речиси 500-тините страници густа наративна шума, коров и грмушки победнички стигнува на целта, за таму наместо пријателски стисок на раката и автограм, од авторот да добие – таблица, бе!
Понекогаш мислам дека на професорите по книжевност и сродни дисциплини треба да им се забрани да пишуваат „убава литература". Едноставно не можат да се воздржат а да не си го претворат романот во „case study" на сопствените теории. Да читаш книга свесен за строгиот професорски поглед, под стрес дека ќе ја промашиш разликата помеѓу конотативната и денотативната порака во пасусот посветен на париската канализација во 19 век, е како да јадеш шарска плескавица гледајќи клип со детален приказ на патот од теле до мелено, придружен со звуци на тажно мукање. Колку и да си гладен, ќе ти се одјаде.
Ако сепак успеете лежерно да ѝ пристапите на книгата, без амбиција да ги разобличувате книжевните теории и да се покажете како одличен ученик, една работа сигурно ќе ве плени - ликот на капетан Симон Симонини, парадигма на себичност и морална рамнодушност, нотар кој кривотвори документи и работи како информатор на тајните служби, најпрвин во родната Италија а потоа во егзил во Париз, ладнокрвен убиец и препреден манипулатор, прилагодлив на секој режим. Го запознаваме во 1897., токму кога почнува да пишува дневник, страдајќи од делумна амезија и симптоми на подвоена личност.
Неговиот „двојник" е езуитскиот свештеник Дала Пикола, кој живее во просторија поврзана со таен ходник со неговиот стан, и пишува свои коментари во дневникот на Симонини, додека овој спие. Секој од нив се прашува дали можеби се еден ист човек. Постои и трет наратор, кој се обидува да ги сумира и разјасни често некохерентните приказни и хронологии. Секоја од нивните три нарации е означена со различен фонт, и збогатена со убави 19-вековни илустрации. Ова сепак не е само прашање на разграничување или дизајн – различните типови букви и стилови создаваат чувство на очигледен литературен фалсификат, кој е создаден од куп страници искинати од заборавени романи.
Кривотворењето е всушност централна тема на книгата, кој се занимава со начинот на кој фалсификувањето влијаело врз создавањето анти-семитски и анти-масонски сентимент во Европа во споменатиот период, со јасна алузија на „Протоколот на сионските мудреци", анти-семитски текст објавен најпрвин во Русија во 1903, кој зборува за наводен собир на еврејските водачи кои коваат план за наметнување верска и морална хегемонија, контрола на медиумите и светските економии. Иако уште во времето на нивното појавување имало јасни назнаки дека се фалсификат, комбинација од роман на францускиот сатиричар од 19. век Морис Жоли, и поглавје од книга на германскиот писател Херман Гедше, Протоколите биле преведени на голем број јазици и раширени низ светот. Хенри Форд поддржал печатење на 500,000 копии кои во 1920-тите биле дистрибуирани низ САД, тие како што е познато послужиле како главно оправдување на Хитлер за холокаустот, а и денес голем број анти-семити ја користат нивната наводно автентична содржина како доказ за глобалната конспирација на Евреите.
Симонини всушност се обидува да напише и дистрибуира токму ваков документ, каде средбата на еврејските „мудреци" е всушност сцена превземена од книгата „Јосиф Балзамо" на Дима постариот, со таа разлика што фиктивниот настан во верзијата на Симонини не се случува на планината Донерсберг, туку на гробиштата во Прага. Но колку и да го бива за фалсификување и сплетки, задачата на Симонини излегува сложена – неговата идеја ја крадат (двојно, тројно кривотворат) бројни конкуренти, па на крајот ни тој веќе не е способен да ја разликува вистината од фикцијата. Оној кој најпрвин изгледа како креатор на историјата, е проголтан од сопствените конструкции.
Можеби и не е некој виц, но долг и учен секако е. Ако ви звучи премногу комплицирано, исто како и во случајот со „Името на розата", причекајте го филмот. Можеби Симонини ќе го игра некој исто толку згоден колку и Шон Конери..
Илина, Букбокс