„21 лекција за 21 век“ (за која подетално пишувавме тука), последната книга на познатиот историчар и филозоф Харари, неодамна излегла во Русија, но со една битна разлика во однос на оригиналот - местата каде се критикува Путин се „омекнати“, особено оние кои се однесуваат на Крим. Во англиската верзија Харари го нарекува анектирањето на Крим „единствената успешна инвазија која ја има направено водечка сила во 21 век“, но која според него е спроведена со сеење страв кај соседите. Taa поттикнала антируски чувства во Украина, и ја претворила оваа земја од сојузник во остар непријател.
Но во преводот авторот не зборува на ваков начин за руските стратешки пропусти. „Самата Русија не го смета присоединувањето на Крим за инвазија на странска земја, а руските трупи практично не наидоа на каков и да е отпор од локалното население, вклучително и од украинската армија“, пишува тој, додавајќи дека на овој начин Русија се здобила со „зголемен меѓународен престиж“.
Прескокнати се и деловите во кои Крим се цитира како совршен пример за моќта на кампањите базирани на дезинформации и лажни вести. Наместо тоа, во руската верзија пример за ваквите манипулации станува Трамп.
Харари изјави дека одобрува ревизии на сите негови книги за различна публика.
„Како мислител и автор правам сè за да допрам до различни читатели низ светот. Низ годините имам авторизирано, па дури и иницирано адаптации на мои книги. Тие ги земаат предвид различните културни, верски и политички елементи. Кога би можел, би ги напишал одново за секоја земја, но очигледно тоа не го можам. Моите водечки принципи пи правењето прилагодувања е да ги адаптирам примерите кои ги користам за да ги објаснам моите идеи, но притоа не ги менувам самите идеи“, изјавил тој.
Во Русија тој бил предупреден дека заради деловите со Украина цензурата не би дозволила објавување на книгата. Оттаму, помеѓу тоа таа да излезе макар и во малку променета форма, и воопшто да не излезе, Харари се одлучил за првото. Во неа остануваат споменати опасностите од диктаторство, корупција, хомофобија и национализам. „Не ја поддржувам руската цензура - само морам да се соочам со неа“, додал тој.
Сепак, тој тврди дека некои термини биле накнадно променети. Така, онаму каде што зборува за „освојување“ на Крим, тоа е променето во „повторно присоединување“, a на местата каде го спомнува својот сопруг, тоа е променето во „партнер“