Можеби причината е што и нема што многу да правиш зиме во долгите субарктички ноќи освен да се фатиш за книга, но токму за време на зимските празници во Исланд се темпирани излегувањата на голем број книжевни наслови. За тоа има и посебен збор, „јолабокафлод“, кој ја означува „поплавата“ од книги кои луѓето ги купуваат за себе, но и масовно ги подаруваат.
Заедничките читања за време на зимата се стара традиција на Исланд, каде почнувајќи од средниот век се одвивало нешто наречено „колдвака“ или бдеење. На селските имоти во текот на долгите и тешки зими, сиромашните фармери се собирале во единствена соба за да се стоплат. „Колдвака“ било времето помеѓу 6 попладне и 10 навечер, кога семејството и соседите се занимавале со плетење, поправање на алатот или предење на волната, при што за разонода еден од нив читал на глас.
Во ваквите ноќни часови децата учеле да раскажуваат, да рецитираат но и да читаат приказни. Ваквото описменување го наметнувале и црквата и државата, па до крајот на грозниот 18-ти век кога епидемија на големи сипаници убила третина од населението, а вулканска ерупција која траела осум месеци уште петтина од луѓето и голем дел од стоката, речиси секој преживеан Исланѓанец знаел да чита.
Но „јолабокафлод“ своите корени ги влече од трансформацијата на Исланд по Втората светска војна. Во 1944 таа била нова независна нација во голема економска депресија каде владееле строги ограничувања на голем број увозни производи. Тоа значело помалку и понеразновидни божикни подароци. Но хартијата била едно од ретките нешта што не било ограничувано, па исландските печатари и издавачи имале одврзани раце. Така, ако ништо друго, Исланѓаните станале богати во книги.
Во божикната сезона на 1944 година Исландската издавачка асоцијација го објавила и првиот каталог во кој биле наведени сите книги издадени таа година - примероци од него биле дистрибуирани бесплатно до секое домаќинство, за купувачите да можат да одберат наслови за семејството и пријателите. Ова останало популарен начин на избор на подароци и во следните децении, а продажбата на книги за време на празниците сочинува 40% од годишната продажба. На овој начин се одржува и еден мал јазик како што е исландскиот, бидејќи продажбата пумпа пари во книжевниот екосистем во кој спаѓаат и домашните дела, но и оние од преводната литература. Според податоци од ноември оваа година, во просек се читаат 2,4 книги месечно, а една третина од Исланѓаните читаат дури една книга дневно!