Новата aниме серија на Нетфликс под наслов „Јасуке“ почнува со масакр. Стотици воини лежат мртви во храмот Хоноџи во Кјото. Годината е 1582, а еден од главните протагонисти во приказната која почнува да се развива е црн самурај за кого има историски податоци дека навистина постоел.
Битката кај храмот Хоноџи е реална епизода од историјата на Јапонија, а нападот бил насочен кон феудалниот благородник Ода Нобунага против кого се кренал генералот на неговата сопствена војска. Заштитник на Нобунага му е црн самурај по име Јасуке, кој храбро се држи до последните мигови. Кога непријателските сили се закануваат да влезат во храмот каде тие се засолнати, Нобунага самиот си пресудува со сепуку, а неговиот верен придружник со мечот му ја отсекува главата комплетирајќи го ритуалот.
Нова аниме серија на Нетфликс го претставува ова додавајќи летечки роботи и ласери, но сепак останувајќи верна на основната приказна. Јасуке и во серијата е африкански воин чиј работодавец е моќен феудален господар наречен „Големиот обединувач“.
Вистинскиот Јасуке бил авантурист, кој минал географски, културолошки и лингвистички бариери за да оформи нов живот во туѓа земја. За неговиот ран живот не се знае многу. Некои историчари сметаат дека бил роден во Мозамбик, Етиопија или Нигерија. Можно е тој да бил заробен како дете, но се знае дека веќе бил слободен кога го сретнал Алесандро Валињано, италијански језуит со кого пристигнал од Индија во Јапонија во 1579 - Јасуке практично му бил телохранител, затоа што на мисионерите не им било дозволено носење оружје. Јапонија во тоа време била среде брутална граѓанска војна, па оттаму на језуитот му била потребна заштита.
Јасуке прв пат се сретнал со својот иден работодавач, Нобунага, во 1581, кога Валињано побарал дозвола од господарот да ја напушти земјата - вообичаена практика во времето пред пасошите. Нобунага бил фасциниран од бојата на кожата на Јасуке, за којашто најпрвин бил убеден дека е покриена со црна боја. Му наредил да се искапе, но бојата секако не излегла. Тогаш организирал забава во негова чест и му понудил работа.
Иако Јасуке бил едиствениот црн самурај во армијата на Нобунага, тој секако не бил единствениот Африканец во Јапонија во тоа време. Во 16 век таму живееле стотина од нив и работеле како преведувачи, војници или забавувачи. Населението немало дискриминирачки став кон нив, иако народот знаел да се собира околу нив за просто да ги гледаат.
Не се знае многу за начинот на кој Јасуке умрел. Можно е да бил ранет и заробен како еден од последните кои преживеале од најтесниот круг на Нобунага, во претходно спомнатата голема битка помеѓу приврзаниците на господарот и неговиот одметнат генерал Акечи Мицухаде. Последниот познат запис го прикажува Јасуке во момент кога тој е предаден на језуитска мисија. Причината зошто бил поштеден од непријателите веројатно лежи во обидот тие да се здобијат со поддршка од мисионерите - на опозицијата ѝ недостасувале сојузници. Сепак ова не помогнало многу, бидејќи нивниот водач - генералот - набргу бил убиен од еден од приврзаниците на Нобунага и станал вториот „Голем обединител“.
И покрај недостатокот на конкретни информации за него, Јасуке е инспирација за голем број поп културни производи - од детски книги до аниме. Во 2019 Чедви Бозман потпишал договор за да го игра во нов филм, но со оглед на неговата прерана смрт филмот до денес не е остварен.