Потеклото на зборот „чиндон’ја“ е ономатопејско, од „чин“ и „дон“, звуците кои ги произведуваат инструментите кои ги носат уличните изведувачи, често облечени во традиционални јапонски носии. Ваквите тајфи имаат долга историја во Јапонија, но првиот забележан пример на улична изведба на „чиндон’ја“ за рекламни цели се случила во Осака во текот на 19 век. Изведувачот бил продавач на слатки по име Аметацу, кој пеел, играл и кревал џева за да привлече внимание на својот штанд.
Тој станал толку популарен, меѓу другото и поради неговиот силен глас, што почнал да рекламира и други продавници, носејќи голема шапка, сандали од слама и појас со прикачени ѕвончиња. Набргу се појавиле и други кои во ова занимање нашле добар извор на приход. Се делеле според населби и региони, но најчесто не настапувале сами туку со помошник или со уште неколкумина други.
Пред појавата на ваквите улични маркетинг изведувачи, најчест начин на рекламирање биле знаменца, билборди и летоци. Но на почетокот на 20 век поголем конкурент на овие музичари биле весниците, а потоа и неонските знаци и цепелините кои по себе влечеле лента со името на рекламираниот производ. Тогаш за многумина од чиндоја тајфите ова било последниот чекор пред невработеност и сиромаштија, па оттаму тие биле сметани за луѓе со многу низок социјален статус. Во текот на Големата депресија од 1930 нивниот број се намалил, а за време на Втората светска војна биле целосно забранети.
Повторно оживеале во „златното доба“ помеѓу 1950-1960-тите, кога имало над 2500 активни чиндои во Јапонија. Најголемата тајфа имала 18 членови, на поранешен актер. Со развојот на радиото и телевизијата, кои станале главни канали за маркетинг, тајфите станале сè поретки, а денес се смета дека има само трисетина професионални групи, главно во или околу Токио. Тие се упадливо облечени, со комбинација на традиционални и театарски костими, а и инструментите на коишто свират се мешани, јапонски и западни, но најчесто присутни се гонгот и барабаните. На нивниот репертоар има воени маршеви, џез и традиционални јапонски песни. Хонорарот кој го заработува просечен изведувач изнесува околу 150 евра дневно, што е сепак помал трошок за оној кој рекламира отколку закуп на рекламен простор во медиумите.