„Сликарот на змејови“ е нем романтичен филм од 1919. Главната улога во него ја толкува Сесуе Хајакава, млад сликар кој верува дека неговата вереница (која ја игра реалната сопруга на Хајакава) е принцеза, грабната и претворена во змеј. Сниман е во националниот парк Јосемити и во јапонската чајна градина во Коронадо, Калифорнија. Критиката денес за него вели дека е совршен пример за тоа како филмската уметност ја поддржувала ориенталистичката имагинација за Јапонија, со сите стереотипи кои таа ги подразбира.
Но ова само ги отсликувало предрасудите со кои се соочувал самиот актер, кој и покрај тоа што важел за еден од првите секс симболи на филмската индустрија, сепак играл само улоги на „зликовци“ во холивудската индустрија.
Бил роден во Јапонија во 1886. Сакал да се придружи на морнарицата, но бил исфрлен од академијата откако се повредил во нуркачка несреќа. Во својот мемоар „Зен ми го покажа патот“ од 1960, тој се сеќава дека како резултат на ова се обидел да се самоубие, но бил спасен од своето куче кое ги алармирало соседите.
Откако се опоравил се преселил во Лос Анѓелес, каде почнал да настапува во јапонски театар. Некој филмски продуцент бил импресиониран од него и ја адаптирал театарската претстава во којашто го гледал, „Тајфун“, за големиот екран.
Филмот чија премиера се случила во 1914 станал хит, исто како и следние два филма. Но вистинскиот пробив се случил со еден софистициран нем класичен филм на Сесил Б ДеМил, „Измамникот“ од 1915. Во него Хајакава е зол трговец со уметнички предмети кој зајми пари на дама од високите кругови во замена за секс. Откако таа не успева да му го врати долгот, тој буквално ја жигосува како негова своина. Филмот станал феномен, а славата на Хајакава ескалирала, не само во САД туку и во Европа и во Јапонија.
Набргу почнале да му даваат и други, слични улоги на доминантни и „егзотични“ мажи, а бил и во најтесниот избор за главната улога во „Шеикот“, која на крај му била дадена на Рудолф Валентино. Сепак, целиот живот го следела сенката на неговото ориентално потекло, дури и кога студиото ги нагласувала неговите „американски“ атрибути - мускулестото тело, чувството за мода, па дури и тоа дека неговото куче е англиски булдог. Во 1917 формирал сопствена продукциска куќа, за да ги прикаже Јапонците „онакви какви што навистина се“. Под нејзина капа бил снимен и спомнатиот „Сликар на змејови“.
Во 1920-тите ги напуштил САД за Европа во потрага по подобри улоги. Освен што играл на филм, во Франција се издржувал и со сликање акварели. Но по 20 години, луѓе испратени од Хемфри Богарт го пронашле и му понудиле улога во ноарот „Токио Џо“, по што се вратил во Холивуд. Кога ја добил номинацијата за Оскар за „Мостотот на реката Квај“ тоа му ја обновило довербата. Се пензионирал во 1960-тите по што се посветил на зен будизмот. Во својот мемоар напишал: „Толку често играв зли ликови, што би сакал, барем еднаш, да играм херој“.