„Извинете, ве измамив“ - британскиот политичар кој беше фатен дека ја лажирал сопствената смрт

Кога облеката на Џон Стоунхаус била најдена крај Мајами бич на 20 ноември 1974, многумина претпоставиле дека британскиот парламентарец се удавил пливајќи. До моментот кога на Божик истата година се појавил жив и здрав во Австралија. Ова е необична приказна за човек кој умрел два пати, вториот пат навистина.

Кога Џон Стоунхаус го склопил својот план за целосно да исчезне, тој бил во големи неволји. Неговата политичка кариера била во ќорсокак, различни сомнителни зделки го довеле до финансиска пропаст, бил обвинет дека е комунистички шпион и, капак на сè, имал вонбрачна афера со својата секретарка. Во потег позајмен од романот „Денот на шакалот“ на Фредерик Форсит, Стоунхаус украл идентитет на двајца мртви мажи. Отпатувал на бизнис патување во Мајами каде исчезнал тој ноември, а потоа се качил на друг авион за Австралија. Целиот хаос траел околу еден месец, додека лорд Лакан, уште еден славен бегалец кој исчезнал отприлика истовремено, не довел до негово фаќање во Австралија. 

Парламентарецот интервјуиран во јануари 1975 тврдел дека всушност бил на „турнеја на која трагал по факти, не само во смисла на географија, туку и во смисла на себепотрага“. Ова на обичниот човек му звучело многу чудно, со оглед на тоа што неговиот генерален имиџ бил на некој што има сè што можело да се посака - гламурозна сопруга и три деца, позиција на директор на британската пошта, кариера на иден премиер итн. 

Но целата приказна почнала да „мириса“ кога шест години претходно бегалец од Чехословачка изјавил дека Британија има комунистички информатор во парламентот, наведувајќи го неговото име. Вакви наводи биле чести во текот на Студената војна, но политичката репутација на Стоунхаус била оштетена. Кога Лабуристите ги загубиле изборите во 1970, за него веќе немало место во Парламентот. Разочаран, тој почнал повеќе време да посветува на своите бизнис интереси. Во 1971, застанал на страната на Бангладеш кој се борел за независност од Пакистан. Кога војната завршила, Бангладеш му доделил почесно државјанство како благодарност за поддршката. Од него било побарано да воспостави британско-бангладешка банка која би им стоела на располагање на Бенгалците во Британија. Но работата на банката била критикувана од некој весник, што поттикнало инспектори да влезат и да ја испитаат ситуацијата. Лошиот публицитет направил инвеститорите да се повлечат, а Стоунхаус паднал во депресија. 

Направил план за бегство. Најпрвин фалсификувал пасош на име на неодамна починат работник, кому му дал нова професија - консултант за извоз и банкарски сметки во Лондон, Швајцарија и Мелбурн. Потоа лажирал уште една група документи, на исто така починат човек, веројатно како план Б ако првите бидат разоткриени. Потоа, исчезнал крај плажата на Мајами. 

Сопругата била убедена дека е во прашање давење. Секретарката го тврдела истото, но таа ја знаела вистинската приказна - нејзини куфери веќе биле испратени во Австралија, еден месец претходно. Но она што го разоткрило, биле двете банкарски сметки, на двете лажни имиња. Всушност, полицијата во Мелбурн го барала спомнатиот лорд Лакан (кој ќе продолжи да ѝ бега на полицијата и следните 50 години), па тоа што наишле на Стоунхаус всушност било случајно. 

По нешто повеќе од еден месец, на Божик, стоунхаус го признал својот вистински идентитет. Во понатамошните интервјуа тој своите чекори ги оправдал со тоа што наводно развил „поделена личност“, а дека со тоа што исчезнал сакал да им го олесни животот на блиските. Седум месеци останал во Австралија, но потоа бил депортиран во придружба на детективи на Скотланд Јард. По маратонско судење од 68 денови, бил осуден на седум години за кражба и измама. Го напуштил затворот три години подоцна додека се опоравувал од операција на срце, откако во затворот имал три тешки напади. Жена му го оставила и тој се оженил со секретарката. Умрел „втор пат“ во 1988 - овој пат вистински. До крајот тој негирал дека имал каква и да е врска со шпионажа. Но историчар од Кембриџ кој во 2009 објавил авторизирана историја на британската разузнавачка служба тврдел дека го видел неговото МИ5 досие од кое било јасно дека тој сепак работел за Чехословачка, иако тие воопшто не биле задоволни од неговите услуги. 

18 декември 2024 - 15:27