Изнајми човек што не прави ништо

Насловот е делумно погрешен, бидејќи човекот што може да се изнајми во Јапонија не прави баш ништо-ништо. Да речеме дека...постои во ваша близина.

Пред да се пресели во Токио за својата нова работа, Акари Шираи сакала за последен пат да вечера во ресторанот во којшто често оделе со сопругот. Само имало еден проблем: не сакала да седи сама и поттикната од спомените да мисли на својот развод. Од друга страна, не сакала ни да седи со пријателка со која повторно би се начнале истите теми.

Решение - изнајмила „дечко што не прави ништо“. Нивниот оброк поминал во речиси целосна тишина и траел 45 минути. Шираи си го нарачала омиленото јадење, си правела муабет, но речиси самата со себе. Непознатиот само климал со главата и давал кратки одговори, понекогаш благо се насмевнувал. Ниту еднаш не иницирал тема. Токму она што таа го очекувала.

„Се чувствував како да сум со некого, но истовремено како да бев сама, бидејќи тој постоеше на начин на којшто не морав да се грижам за неговите потреби или да мислам за него. Не чувствував дека тишините се непријатни, ниту пак притисок да зборувам. Веројатно тоа беше првиот пат кога јадев сосема на раат“, изјавила таа. 

Претходно пишувавме за „вакаресасеја“, јапонски професионалци за раскинување врски, кои се особено корисни за сопружници (главно мажи) кои докажувајќи неверство на партнерот сакаат да имаат предност при разводот. Но the-do-nothing-guy (момчето што не прави ништо) нема толку комплицирана задача. Понекогаш само стои во публика за музичари кои имаат потреба од барем еден слушател, или седи на маса колку оној кој го најмува да не се чувствува непријатно (на пример кога некоја осамена душа сама си ги дувала свеќите на роденденската торта).

Мистер Рентал, како што медиумите го нарекоа, не наплатува за своите услуги, зема само пари за такси и оброците. Сепак, со оглед на тоа што има најмалку три вакви „задачи“ дневно со тоа си ги покрива трошоците барем за храна. Неговото име е Шоџи Моримото, а со оваа работа се занимава не преку агенција, туку самостојно, уште од 2018. Тој денес е автор на четири книги, вклучително и на манга-стрип, кој зборува за различни случки при неговите излегувања со муштерии. Неговата популарност поттикнала и други да се занимаваат со истата работа, иако тој инсистира дека бил првиот и оригиналниот.

Во 2020 Јапонија прв пат по 11 години регистрира пораст на самоубиствата, поттикнувајќи ја владата да назначи „Министер за осаменост“. Моримото оттаму не е бизнисмен, туку повеќе некој кој помага во таквата тешка ситуација. 

22 март 2022 - 16:56