Во 1992, кога овој музички стил е на врвот на популарноста, новинар од Њујорк Тајмс прави репортажа, опишувајќи го феноменот на „гранџ“. Меѓу другото тој во текстот вклучува термини од сленгот на гранџерите, како битен елемент во опишување на оваа субкултура.
Главен информатор му е извесна Меган Џаспер, рецепционерка во Суб Поп Рекордс, независна продукција која ги промовирала Нирвана, Саундгарден и другите бендови од музичката сцена на Сиетл. Меган тогаш имала 25 години, и откако новинаров добро ја изгњавил за од неа да извлече секакви информации, таа одлучува да му се одмазди: измислува непостоечки зборови и изрази кои наводно се користеле во тие кругови. Во весникот овој „речник" е објавен како автентичен, дури и издвоен од текстот во посебна рамка, како особено важен податок, кој овозможува подлабок увид во начинот на комуникација на припадниците на оваа супкутлура.
Статијата инаку почнувала со зборовите: „Кога гранџ (grunge) станал она што е? Кога овој збор од пет букви кој означува нечистотија, гнаса, ѓубре, станал синонимен со еден музички жанр, моден став или поп феномен?". Очигледно не само што никој не забележал проблем со бројот на буквите, туку ни со измислените термини, кои биле земени здраво за готово. Еве ги подолу, илустрирани, со сцени од тогаш популарни филмови.
По објавувањето на текстот некои луѓе во Сиетл почнале да продаваат маици со измислените lamestain (лице кое не е кул) и harsh realm (заеб, баксуз) со фонт ист како и оној на познатиот банер на весникот. Но ниту еден од зборовите во списокот никогаш не влегле во реалниот сленг. Настаните поврзани со измамата се опишани во документарецот Хајп! од 1996. Тие покажуваат дека не само што човек може да наседне на лажни податоци за некаква далечна, „егзотична" култура чиј јазик не го познава, туку дека истото може да му се случи и среде сопствената.
„Речникот“ во Њујорк Тајмс.