Измамниците кои тврделе дека во време на голема суша можат да предизвикаат дожд

Во сите култури во светот кои зависат од земјоделие, а се лоцирани во сушни области, постојат обреди за повикување дожд (кај нас познати под името „додоле“). Ова верување во моќта човекот да ги смилостиви (нат)природните сили, преку наука или магија, го користеле поединци за сопствен дожд од пари.

Сушата во регионот на Големите низини во САД од 1890-тите ги довела доселениците од Европа во очај. Тоа била првата сериозна суша со којашто тие се соочиле во новата татковина, каде дошле по подобар живот. 

Очајните времиња подразбираат очајни мерки, па луѓето почнале да веруваат во тоа дека поединци имаат вештини да предизвикаат дожд. Тоа според историчарите бил „комплициран хибрид на искрено верување во науката и игра на доверба“ помеѓу населението и измамниците кои шпартале по регионот ветувајќи дека ќе направат сушата да прекине, секако за добар хонорар. 

Така, извесен Френк Мелбурн во 1891 дошол до градот Гудленд, Канзас, каде собрал 500 долари кои требало да му бидат исплатени исклучиво ако неговиот проект успеел. Добивал само 10 долари дневница колку за престој и храна додека тоа не се случи. Во атмосферата испуштал некакви мистериозни хемикалии од приватноста на негов осамен железнички вагон или од заклучена зграда.

Некои навистина верувале во ваквата способност, но други, религиозни луѓе, со верба во други нешта, сметале дека „рејнмејкерите“ се соработници на Ѓаволот. Трети пак во ова гледале добра забава, бидејќи ваквите „вештаци“ избирале момент да дојдат во градот кога имало панаѓур, па оттаму биле само уште еден елемент во општиот обид да се избега од сувата реалност.

Кога Мелбурн не успеал да заврне мислењето и на првите полека се променило. Но ова не го расколебало - тој продолжил да се рекламира како некој кој добива 20.000 долари за да произведе дожд во 40 земји. 

Ваквата верба во „дождовњаците“ отсликува поширока несигурност во земјоделието во средина каде биле потребни посебни технологии за тоа да функционира. Тие така стануваат дел од оптимистичкиот систем на верувања на доселениците, кои сметале дека можат да го трансформираат сушниот Запад во нешто како одлично наводнуваниот Исток. Некои од мерките со кои се служеле било садење дрвја, поставување железнички пруги и поврзување на телеграфски жици, за кои логиката било дека би привлекле бури. Освен тоа, правењето нешто (било што) било подобро од седењето со скрстени раце. 

Ваквите акции меѓу другото ја зајакнувале колективната солидарност. Освен тоа, измамниците применувале и домородни и европски традиции, па така ги „хибридизирале“. Ваквите експерименти некаде биле финансирани дури и од Министерот за земјоделие. Во Тексас помеѓу 1890-92 ова вклучувало испраќање динамит во балон, бидејќи имитирањето грмотевица и генералната врева наводно доведувале до дожд. Човекот кој го водел овој проектсе викал Дајренфорт, но медиумите, кои најпрвин погрешно известиле за голем успех, набргу почнале да го нарекуваат „Драјхенсфорт“ (Сушовски).

Наскоро решенија сепак биле пронајдени но не во форма на волшебници. Чарето било во иригацијата и вадењето вода од природни системи и нејзино распределување по области, кои наскоро на мапата ја промениле бојата, од кафени во зелени. 

извор

19 декември 2022 - 08:21