Измислена од сопственикот на барот, Луи Рутс, DELETE постои само 12 часа. За тоа време луѓе од разни професии поврзани (или до тогаш неповрзани) со правењето компјутерски игри се собираат во местото и развиваат не само идеи за игри, туку и самите производи. Притоа, свесни се дека како кочијата во Пепелашка, она што ќе го сработат на полноќ ќе се претвори во ништо, или буквално во прашина, со оглед на тоа што има случаи кога се уништува и самата опрема.
Во онлајн светот на 2018, каде секоја игра, албум, книга или филм може да се чува на „облак“ и да се симнува неограничен број пати, физичка копија на нешто трајно станува сè поретка, а пак медиумски производ кој може засекогаш да исчезне затоа што постои во само единствен примерок речиси и да нема. Освен ако самиот не ги пронајдеш и уништиш сите, еден по еден.
Оттаму, овој настан има некаква свечена нота. Се создава нешто во име на ништо, а врз основа на знаења и искуство акумулирано со години. Нема ставки од типот „очекувано долгорочно влијание“ или гарантирани резултати, туку претставува начин луѓето да си го отворат умот или срцето и да си ја истурат креативноста без план и размислување за ризиците (ќе испадне ли, до кога е рокот, каде ќе бидат пласирани, што ќе кажат критичарите...).
Се почнува во 11 наутро, а до 7 попладне игрите треба да бидат готови. Една од оние направени оваа година се состоела од просторија полна зборови кои опишуваат стравови или мачни работи низ кои минуваат луѓето. Секој можел потоа да си ги одбере своите и да направи своја специфична градба, која на полноќ се уништува, со тоа терапевтски оставајќи ги зад себе сите грижи, некој вид збогување со нив.
Ова е само еден од бројните примери, на игри од кои повеќето никогаш нема да се играат никаде и никогаш освен тука и сега. Не смее да се прави бекап или да се препишува во тетратка. Целта е да се постигне чувство на неодминливо бришење, уништување и распад, но тоа да се доживее како нешто добро и ослободувачко.
Некои од игрите не се компјутерски, туку се играат со други луѓе, а се аналогна симулација на дигиталната верзија. На пример една под име „Машина за перење“ е игра со карти, во која нејзиниот креатор (кој е всушност „компјутерот“) неколку часа седел гол за да им овозможи на оние кои ќе го победат да му цртаат по телото што сакаат, а и да го частат рум (да, ако тој загуби). Човекот на крај завршил тотално „одземен“, а следниот ден, соодветно на целта, меморијата за настанот му била избришана.
Детална репортажа за настанот тука
Претходно: Советот на Вонегат за создавањето