„Град каде сонцето не свети три месеци годишно“ звучи како опис карактеристичен за Скандинавија, Русија или Аљаска среде зима, каде луѓето мораат да се подвргнуваат на терапија со светлина за да си го зголемат нивото на серотонин и витамин Д.
Но многу појужно, на границата помеѓу Швајцарија и Италија, градот Виганела има слична приказна. Лоциран во длабока долина и заобиколен од планини кои ги блокираат сончевите зраци, Виганела е во мрак секоја година од ноември до февруари.
Според историските архиви, областа била населена од 13 век, што значи дека голем број генерации поминале повеќе од 800 зими без сонце. Секоја година заедницата го поздравува последното зајдисонце, на 11 ноември, и чека неговите зраци повторно да се појават на 2 февруари. Тогаш тие носат традиционална облека и го прославуваат враќањето на светлината со обреди поврзани со паганските традиции.
Денес, поради масовните иселувања од 20 век, Виганела има само 163 жители. Во 1999 локалниот архитект Џакомо Бонзани предложил да се инсталира сончев часовник на црковната фасада, но тогашниот градоначалник Франко Мидали ја отфрлил идејата. Наместо тоа, тој од Бонзани го побарал невозможното: да го донесе сонцето во Виганела во 83-те денови кога е блокирано од планините. Како? Со тоа што ќе инсталира огромно огледало на еден од врвовите, па светлината ќе се рефлектира на главниот плоштад.
На 17 декември 2006 проектот бил завршен. Огледалото чинело околу 100.000 долари, а ја рефлектира сончевата светлина шест часа дневно, следејќи ја патеката на сонцето на небото благодарејќи на софтвер кој го придвижува.
Рефлектираното светло секако не е толку силно како директното, но е доволно за да го згрее главниот плоштад и да му даде извесна природна светлина на градот. Огледалото се користи само зиме и останува покриено во остатокот од годината.
Иако историјата е полна со примери на сончеви огледала, од она на Архимед кое се вели дека ја запалило флотата римски бродови во Сиракуза, до нивната апликација во модерни вселенски телескопи, проектот Виганела е уникатен и е причина за гордост на жителите, кои на овој начин привлекуваат и туристи.
извор