Во 2011 археолози пронашле нешто необично во римски тоалет. Тимот копал во древното село Тасгетиум во денешна Швајцарија, каде владеел келтски крал, кому територијата му била доделена лично од Јулие Цезар. Населбата била изградена на бреговите на реката Рајна, долж значајна трговска рута. Како резултат на близината на водата, сите остатоци со векови биле потопени. Она што можело да скапе доколку било на отворено, сега било пронајдено во одлична состојба, заштитено поради недостатокот на кислород.
Среде остатоците од познати видови храна како сливи, цреши, праски и бадеми, археолозите пронашле 19 необично големи семиња. Иако биле „депонирани“ тука пред скоро 2000 години, тие изгледале доволно свежо, како да биле оставени пред неколку денови. Само што овошката на која ѝ припаѓале, барем за западниот свет денес е толку опскурна, што ги зачудила дури и професионалните ботаничари.
Политички коректното име на англиски ѝ е medlar, или по нашки мушмула. Веројатно поради визуелната асоцијација, 900 години овошката била нарекувана „отворен шупак“ (open-arse), а имињата и во Франција се однесувале на истото - postérieure de ce quadrupede" (задник на четвороножец), "cu d'singe" (мајмунски задник), "cu d'ane" (магарешки), and cul de chien (кучешки)…
Првиот документ за нејзино постоење е фрагмент грчка поезија од 7 век пред нашата ера. Подоцна таа паднала во рацете на Римјаните, кои ја донеле во јужна Франција и Британија. Во 800 година, Карло Велики ја вклучил на список растенија кои биле обврзни во кралските градини, а скоро 200 години подоцна англискиот свештеник и писател Елфрик од Ејншам го запишал нејзиното не многу ласкаво име.
Потоа популарноста само се зголемувала. Таа била дел од трпезите на средовековните манастири и кралските софри, како и на јавните простори како пазарите. Ја има во „Кентербериски приказни“ на Чосер, во „Ромео и Јулија“ на Шекспир и во други книжевни и уметнички дела.
Во 17 век овошката била вообичаена исто како што се денес јаболките, крушите или дуњите. Но наскоро популарноста како да ѝ опаѓа и во 1950-тите веќе речиси и да не се спомнува. Во голем број средини се смета за избор на ексцентрични градинари и е од интерес на историски љубопитници.
На наше тло мушмулата се уште добро се држи, иако нејзините љубители развиваат посебни техники за да го сркнат зрелото месо, а да не скршат заби од семките. Таа според постари рецепти може да се пече, се додава на колачи или од неа се прават ракија или пиво. Додуша, односот кон мушмулата можеби би се променил доколку луѓето знаат за приказната за нејзините имиња.