Тунглje (Tunglið) е мала издавачка куќа, која го има добиено името според исландскиот збор за месечина. На одбрана ноќ со полна месечина, таа објавува серија од 69 наслови, главно понова исландска литература. Ако ова ви е чудно, има повеќе: оние книги што нема да се продадат истата вечер, издавачот веднаш ги гори.
Зошто, побогу?
Додека повеќето книги опстануваат со векови, Тунглje, како што објаснуваат вработените, „ја користи сета издавачка енергија за целосно да ја испука во неколку часови“. Една славна вечер, книгата и нејзиниот автор се целосно живи. А утрото потоа, секој може да си продолжи со животот.
Зад овој необичен пристап стојат писателот Дагур Хјартарсон и уметникот Рагнар Хелги Олафсон. Пред три години тие почнале муабет за неколку квалитетни ракописи кои до тогаш стоеле по фиоки, и почнале да составуваат план за овие книги да се објават. Но тоа според нив морало да вклучи уште една фаза - набргу откако ќе се појават, тие да исчезнат.
Дали е ова сатира упатена кон врската помеѓу издаваштвото и капитализмот? Или кон постепеното исчезнување на литература која се објавува на тн. „мали“ јазици, како исландскиот? Дека во сето ова има хумор покажува постапката на палење „со многу внимание и почит, користејќи само првокласен француски коњак за потпалување“. Но иако обајцата тврдат дека тоа нема врска ниту со политика, ни со историја, ни со цензура, понекогаш локалците на местата каде се вршат палењата реагираат со вознемирување.
„Печатената книга е демократски предмет, но ние не сме од оние издавачи кои се обидуваат да ја спасат книгата претворајќи ја во луксуз - пожелен производ кој држи цена не заради својата содржина, туку заради својата комерцијална вредност“, велат тие. Она што го обезбедува нивниот начин на издавање е ослободување од стегите на чекањето, самопромоцијата и грижата околу продажбата. Како што знаат и македонските издавачи, да се отарасиш од непродадени книги кои ти чмаат во магацин е голема мака. На овој начин работата се решава многу брзо и ефикасно, и тоа со неколку голтки вињак.