Има така некои песни кои остануваат хитови и покрај тоа што и на времето, а богами и сега, не звучат ама баш ништо особено. Taка, во 2019, после скоро четири децении ,„Африка“ на Тото сè уште се слуша и во оригинал, а врз нејзина основа се прават и обработки, како „Оушн ту оушн“ (Питбул фт. Реа) од новиот саундтрак за Аквамен.
Намибискиот уметник Мак Сидентропф неодамна ја искористи песната за правење звучна инсталација во пустина во оваа земја, која напојувана од соларни батерии ја пушта песната нон-стоп. Делото се состои од седум бели, правоаголни пиедестали, секој со свој мп3 плеер.
„Сакав да ѝ оддадам ултимативна почит со тоа што физички ќе ја претставам песната Африка во Африка“, изјавил уметникот. Тој се надева дека таа ќе одекнува низ просторот стар 55 милиони години и следните 55 милиони. Што е веројатно доволно за таа да стане „евергрин“.