Терминот „индекс“ е латински и значи „оној кој укажува, покажува“, како во „индикација“ или во англиското име на показалецот - index finger. Во издаваштвото тоа е список на зборови или изрази придружени со тн. „локатори“ односно бројот на страниците на кои тие се спомнуваат. Тука можат да бидат наведени имиња на луѓе, места, настани или важни термини за конкретната книга.
Индексот е многу корисна и практична алатка, и тоа поради најмалку две причини. Прво - ако не знаете ништо за книгата, дури и лефтерен поглед врз индексот може да ви открие многу за пристапот на авторот, на кои личности или термини најмногу се задржува, а во случаи на подетални индекси дури и во кој контекст ги спомнува. Второ, доколку од целата книга ве интересира само некој детал, на пример само местата каде што е спомната Македонија во книга-историја на Балканот, тогаш работата ви е завршена како да имате на располагање опција „најди“ во електронски документ.
Со развојот на електронското издаваштво, правењето индекс технички е крајно олеснето, во споредба со минатото, кога секој термин требало да биде рачно пребаруван и запишуван. Како што се тврди во нова книга со луциден наслов „Индекс, историја на: книжевна авантура од средовековни ракописи до дигиталното доба“ на Денис Данкан, макотрпната работа на ваквата алатка прв пат е забележана околу 1230-та, со голем индекс на Светото писмо направен од доминикански монаси во Париз. Документи од папскиот двор во Авињон покажуваат дека на почетокот на 14 век поединци веќе биле плаќани за подготовка на индекси, што значи дека професионалниот „индексатор“ постоел стотина години пред да постои печатена книга. Ова секако подразбирало дека веќе бил воведен стандард за обележување на број на страници, бидејќи без тоа индексирањето не би било можно.
Во текот на издавачката историја имало и моменти кога индексирањето било обврска на авторите. Во 1850 извесен лорд Кембел дури поднел и предлог до британскиот Парламент, на автор кој објавува книга без Индекс да му се укине привилегијата на авторско право и тој дополнително да треба да плати парична казна.
Иако индексирањето главно се однесува на стручни книги, енциклопедии и картографски изданија, тоа се среќава и кај белетристиката. Луис Керол вклучува индекс во својот последен роман „Силви и Бруно“, додека Вирџинија Вулф (Орландо), Владимир Набоков (Бледиот оган) и Џ. Г. Балард (Индексот) си играат со овој додаток за да ја замаглат тенката линија помеѓу фикцијата и нефикцијата.
Авторот, следејќи ја историјата на индексирањето, нè води од германските печатници и просветителските кафеа, преку работните маси на филозофите и библиотекарите, до начинот на кој денес индексираат интернет пребарувачите.
Британскиот поет и сатиричар од 18 век Александар Поуп напишал: „Учењето преку индекс не ги оптоварува студентите/Па сепак ја држи јагулата на науката за опаш“. Според него индексот е некој вид „кратенка“, мамење дека нешто е прочитано кога всушност е само разгледано. Колку мамиме кога гугламе само изолирани термини, без да се интересираме за поширокиот контекст? Од друга страна, да се направи квалитетен индекс на крај од книга е уметност самото по себе, на што често забораваме, особено во локален (македонски) контекст.