Столицата за којашто станува збор не е како онаа со мечовите во „Игри на тронови“, ниту пак е рана верзија на електричната. Според легендата, постоела мермерна столица со дупка - sedes stercoraria (oд stercus - измет), на која бил седнуван идниот папа во текот на церемонијата на крунисувањето. Нејзиното име се поврзува со следнава симболика: папата е тука за да ги крене бедните од дното (од „изметот“) и сиромаштијата, но истовремено да седи на трон рамен на принцови.
Постоењето на овој ритуал може да се поврзе со папата Јована, која можеби постоела а можеби и не во средниот век. Таа наводно била убедлива во своето преправање во машко и успеала, со голема вештина и интелигенција, да владее две години како папа, до моментот кога во тек на процесија ненадејно почнала да се пораѓа. Историчарите не можат да се согласат во ништо поврзано со неа, ниту датумот и местото на нејзиното раѓање, ниту нејзиното владеење како папа. Некои велат дека живеела во 11 век, додека други сметаат дека тоа било во 9-тиот.
Без оглед колку била фиктивна самата Јоана, помислата дека може да дојде до такво нешто - женско да владее со католичката црква, ги вадело од памет сите засегнати. Оттаму и обврската избраниот да се соблече од половината надолу пред гледачите, а потоа да се спушти во столицата со дупка за доктор да ги испита неговите гениталии. Доколку сè било во ред, испитувачот извикувал: Duos habet et bene pendentes - Има два (тестиса) и тие баш фино се нишаат! Ова било доволно за новиот папа да посака да останел бискуп или кардинал цел живот.
Можеби целата работа со столицата и мадињата што се нишаат е само мит. Уште во 16 век историчарите се шегувале дека ритуалот е напуштен бидејќи тогашните папи имале толку вонбрачни деца што нивната машкост не била спорна.