„Игри на гладта" е годишна манифестација во форма на реално шоу во замислената земја Панем - Северна Америка во иднината, чиј концепт е контролиран лично од Претседателот. Од 24 момчиња и девојки, по двајца од 12-те региони избрани со лотарија, само еден ќе преживее на крајот од она што се најавува како безмилосно меѓусебно истребување на учесниците. Целта е и народот да се забавува („panem et circensens", леб и игри), но и да се дисциплинира, како казна за неговите претходни востанија.
Значи има тука и малку дистопија, и митологија, и феминизам, и историски референци на некогаш пролетерски ориентираните, тоталитарни општества, и критика на медиумите и нивната спрега со политиката. Има и куп сценографско-костимографски кич, кој во ХД делува уште пострашно. Џабе се плашев од такви, јасни сцени на насилство, тие поминаа со по неколку капки крв. Добро, по еден час од почетокот на филмот (кој патем трае 2 и 22 минути), на стартот на играта, фрчеа некои мачети и се забодуваа копја, но сето тоа сепак пресуптилно за филм кој би требало да ја отслика страшната атмосфера на дарвиновско преживување на посилниот, при што сите засегнати, и слабите и силните, немаат повеќе од 18 години.
Да, има познати имиња - Вуди Харелсон е со премрсна коса, на Лени Кравиц му ставиле флуоресцентно зелен ајлајнер и го претвориле во геј верзија на сам себе, а Доналд Сатерленд, кој го игра претседателот, цел филм е монотоно кул. На крај нивните улоги и не се толку важни колку онаа на Џенифер Лоренс (беше номинирана за Оскар со „Winter's Bone"), која можеби не личи многу на 16-годишна ама е убава и убедлива, особено со лакот и стрелата и доброто срце, кое барем за момент успева да се спротивстави на од чувства оперираниот систем.
Не сум ги читала книгите на Сузан Колинс, велат дека се подобри од филмот. Како и да е, убава нуспојава на обете е зголемената популарност на стреличарството како спорт - викаат дека токму заради нив тој бил еден од најгледаните спортови на оние телевизии кои го пренесуваа (МТВ секако не е една од нив). За оние кои би сакале да се пробаат во улогата на Катнис Евердин, хероината на Hunger Games, ќе има штанд за гаѓање на Пиволенд за време на фестивалот.