Англискиот филозоф и државник Бекон живеел на крајот на 16 и почетокот на 17 век и се смета за татко на емпирицизмот. Неговите дела зборуваат за можноста да се дојде до научно знаење само врз основа на индуктивни (од посебно кон општо) заклучоци. По еден од таквите емпириски експерименти, кога сакал да ги проучи ефектите на замрзнувањето врз конзервирањето месо, починал од пневмонија, жртвувајќи се на олтарот на науката. Веројатно бил подложен на некои од интелектуалните заблуди за кои и самиот зборувал, кои ги нарекувал „идоли“, a кои современата психологија ги нарекува со различни имиња, но се сведуваат на когнитивни „стапици“ во кои лесно се запаѓа.
Во неговото дело „Нов Органон“ тој ги класифицирал ваквите заблуди на неговото (а богами и нашето) време во четири категории: идоли на племето, на пештерата, на пазарот и на театарот. „Идол“ притоа е слика, во овој случај таква во умот, која ја обожуваме, но која самата е празна, без суштина. Тој не ги сметал идолите за симболи, туку повеќе како фиксации, од кои некои луѓе активно се бранат, но во кои други длабоко заглавуваат.
Идоли на племето - инхерентни за човековиот ум, и оттаму се карактеристични за целиот човечки вид. Погрешни генерализации кои се резултат на вообичаени тенденции за претерување и искривоколчување. Проблемот, освен во содржината на овие предрасуди, е и брзината со која се шират (важно: ова е пред интернет), па помешани со факти тешко може да се одреди што е вистина, а што лага. Ова може да го објасни и епитафот на Бекон, кој се смета дека е обид за сумирање на неговиот метод: „Нека сите состојки се растворат“.
Идоли на пештерата - сето она што се појавува во умот на поединец. Умот е всушност симболичката пештера, мислите талкаат низ овој мрак, а се разликуваат од човек до човек според темпераментот, образованието, околината и случајноста. Оттаму, човек кој ќе се посвети на некоја област (или идеологија) полека може да стане опседнат од сопствениот интерес, и да ги интерпретира сите нешта согласно неговата професија, воспитување или политички определби.
Идоли на пазарот - заблуди кои се појавуваат заради лажното значење коешто им се доделува на зборовите. Наместо да се разменуваат мисли, така се разменуваат празни флоскули, па луѓето мислат дека надмудриле некого само затоа што го надзборувале.
Идоли на театарот - оние кои произлегуваат од лажна ученост, особено карактеристични според Бекон за теологијата, филозофијата и науката, бидејќи често ставовите изречени во рамки на овие области „народот“ ги прифаќа како беспоговорно точни. И Бекон, исто како и Шекспир (а нели има теорија дека биле иста личност), го сметал светот за една голема сцена (All the world is a stage..)
И после сето ова набројување, што е лекот? Според Бекон вистинското знаење е знаење за причините. Физиката притоа ја дефинирал како наука за променливите причини, а метафизиката на фиксните причини. Но уште поважна според него е разликата помеѓу она што се знае, и она во што се верува. Токму во таа разлика е и изворот на сите интелектуални заблуди, недоразбирања или просто извор на сите - глупости.
Поврзано: „Илустрирана книга на лоши аргументи“ (Букбокс читанка)